Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
29. окт. 15.

Сонот на министерот

Бранимир Јовановиќ

Ако сонот на Министерот за финансии на една држава е таа да стане дванаесетта во светот на Дуинг биснис листата, кој ли му е кошмарот? И, ако сонот му се оствари, дали ќе му се оствари и кошмарот?

Македонија традиционално има добри односи со Дуинг бизнис. На пример, во 2014 година, на конференцијата по повод десетгодишнината од Дуинг бизнис, од Македонија имаше двајца претставници. Марјан Петрески и јас. Петрески презентираше труд за тоа како Дуинг бизнис влијае на економскиот раст и на сивата економија. Јас презентирав труд за ефектите на Дуинг бизнис врз инвестициите, напишан заедно со Билјана Јовановиќ. Ако сеќавањето добро ме служи, од земјите од регионот немаше ниеден друг учесник.

Но, оваа година односите, се чини, го достигнаа врвот. Дуинг бизнис ја рангираше Македонија на 12-тото место. Подобро од Германија. Министерот за финансии доживеа екстаза. На неговата официјална ФБ страница беше објавено: „Илјадници денови работа, стотици реформи, мерки и проекти, за сонот да стане реалност“.

Не сум експерт за сништа и психологија за да знам што значи тоа кога сонот ти е земјата да ти стане на дванаесеттото место на Дуинг биснис листата. Но, знам неколку работи за Дуинг бизнис.

Прво, Дуинг биснис извештајот е доста контроверзен извештај на Светската банка. Главната контроверза е што не е јасно дали извештајот се вклопува во мисијата на Светската банка, која е – искоренување на сиромаштијата. По повод десетгодишнината од извештајот, Светската банка ангажираше тим од надворешни експерти, еминентни економисти, за да дадат оценка за извештајот и препораки за тоа што да се прави со него во иднина. Главниот наод од извештајот на независниот панел (достапен овде) сепак беше – да се продолжи со извештајот (стр. 4).

Второ, иако главната препорака на независниот панел беше да се продолжи со извештајот, втората препорака беше – да се укинат рангирањата (стр. 4 од истиот извештај). Рангирањата отсекогаш биле контроверзни. Тие се спротивни на суштината на самиот извештај – да претставува база на податоци за различни аспекти на регулацијата. Имаат и бројни други недостатоци. Со нив на некој начин се дава нормативно толкување, т.е. се кажува што е добро, а што лошо. Со нив исто така се воспоставува клима на натпревар помеѓу земјите за подобар пласман на ранг листата. Ова може да води до манипулации со резултатите, но и до тоа владите да се фокусираат на оваа ранг листа, наместо да се трудат да ги решат вистинските проблеми во економијата.

Трето, проблематичноста на Дуинг бизнис извештајот многу добро е отсликана од одредени негови компоненти. До пред некоја година, извештајот имаше тема која се однесуваше на трудовата регулатива, наречена „вработување работници“. Оваа тема мереше аспекти како работни часови, едноставност на отпуштање на работници, висина на минимална плата и слично. Така, извештајот подобро ги рангираше земјите со пониски минимални плати, земјите во кои е полесно да се отпушти вработен, земјите во кои прекувремената работа е помалку платена, земјите во кои работниците имаат помалку денови годишен одмор и слично. Или, со други зборови, земјите со пониски работнички права добиваа подобар скор. Оваа тема сега не влегува во рангирањата туку само се објавува, како дополнителен дел.

Четврто, Дуинг бизнис индикаторите се пресметуваат на база на анкети на локални експерти. Експертите се најчесто правници, консултанти и официјални лица. Одговорите потоа се проверуваат од страна на лицата кои го изработуваат извештајот, но сепак, тие остануваат резултат на субјективни проценки и мислења, а не на објективни мерила извлечени од законската регулатива. Токму затоа и можат многу лесно да се манипулираат.

Извештајот и веб страницата на Дуинг бизнис се сепак транспарентни за да можат да се утврдат овие можности. На пример, во најновиот извештај (стр. 120) може да се види дека се консултирани вкупно 14.233 експерти, во 189 земји, во 11 категории. Или, во просек, околу 7 експерти за една категорија. Меѓутоа, може исто така да се види дека во категоријата „заштита на малцински инвеститори“ во дури 21 земја одговорите биле прибрани од само еден или двајца експерти. Можноста за грешки, дури и манипулација, во таков случај е огромна.

Поврзано со ова, на веб страницата на Дуинг бизнис можат да се видат и имињата на локалните експерти за секоја земја. Така, за Македонија може да се види дека еден од експертите е извесен Диме Спасов, од Агенцијата за катастар. Дали е тоа министерот Диме Спасов, кој пред да стана министер работеше во катастарот, или пак е некој негов двојник кој работи во катастарот, или пак, е грешка, останува нејасно. Но, сето ова отвора дилеми во врска со квалитетот на индикаторите.

Петто, Дуинг бизнис индикаторите мерат првенствено правни аспекти, т.е. се однесуваат на де јуре страната на регулативата, не и на де факто. Имплементацијата на регулативата е надвор од опфатот на индикаторите. Така, според законската регулатива, во една земја формално-правно можеби е потребна само една процедура за да се отвори фирма, но, како тоа функционира во практиката може да биде сосема друго прашање.

Конкретно, Македонија е втора во светот според едноставноста да се отвори фирма. Официјално, потребна е една процедура, која се изведува во Централниот регистар, трае еден ден, и чини 250 денари. Меѓутоа, во практиката, работите стојат сосема поинаку. На авторот на овој текст, на пример, му беа потребни цели 3 месеци за да регистрира здружение на граѓани, како што може да се види од оваа слика. Неколку пати му беа враќани документите по пошта, заради печатни грешки, иако при предавањето ништо не му беше кажано. Односот на вработените во Регистарот е сосема друго прашање кое излегува од опфатот на овој текст.

Шесто, Дуинг бизнис мери 11 индикатори - започнување бизнис, дозволи за градење, добивање струја, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински акционери, плаќање даноци, тргување преку граница, спроведување договори, разрешување несолвентност и регулатива на пазарот на труд. Во нив нема ништо за другите аспекти кои се важни за водењето бизнис, како квалитетот на инфраструктурата, квалитетот на образованието, криминалот, безбедноста, корупцијата и слично. Уште помалку има нешто за квалитетот на животот – како здравјето, загадувањето, заштитата на животната средина, доходот, сиромаштијата, нееднаквоста.

По сето досега кажано, ми поминуваат низ глава неколку прашања. Како е можно сонот на еден Министер за финансии да биде неговата држава да се пласира на 12-тото место во светот на една ваква ранг листа? И, ако е ова неговиот сон, кој ли му е кошмарот? И, ако сонот сега му се оствари, дали ќе му се оствари и кошмарот?

Колумни од истиот автор

24 мај 2016

Седма недела, што понатаму?

На протестите постојано се слуша дека тие треба да се радикализираат. Тоа е точно. Револтот на протестирачите мора да се манифестира на вистискиот начин. Мора да дојде до блокади на системот, до крупни опструкции на неговото функционирање.

29 октомври 2015

Сонот на министерот

Ако сонот на Министерот за финансии на една држава е таа да стане дванаесетта во светот на Дуинг биснис листата, кој ли му е кошмарот? И, ако сонот му се оствари, дали ќе му се оствари и кошмарот?

            comments powered by Disqus

Поврзано