Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
01. апр. 15.

СДСМ: Мијалков земал милионски провизии за набавка на опрема за прислушување

Мери Јордановска Призма
Во аудио разговорите што ги презентираше СДСМ наводно станува збор за бизнис договори што Мијалков ги договорал со негова соработничка и нејзини разговори за провизии со претставници од израелската фирма, која требала да ја набави опремата за прислушување од 14 милиони евра.

Директорот на УБК Сашо Мијалков зел провизија од половина милион евра само за да почне да преговара за набавка на опрема за прислушување од израелска фирма, обвини на денешната прес – конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев објавувајќи ја 15-тата по ред политичка бомба.

Според Заев, во аудио снимките се зборува и за суми и од над 2 милиони евра за кои Мијалков преговарал со Израелците | Фото: СДСМ

Тој тврди дека во аудио разговорите што ги презентираше станува збор за бизнис договори што Мијалков ги договорал со неговата соработничка Светлана Костова (која сега е судија во Управниот суд) и нејзини разговори со претставници од израелското Министерство за одбрана, кое наводно требало да ја набави опремата за прислушување вредна околу 14 милиони евра.

Според Заев, во аудио снимките се зборува и за суми и од над 2 милиони евра за кои Мијалков преговарал со Израелците.

„За да почне да преговара за набавката од Израел, Сашо Мијалков побарал од Израелецот Хаим Хакејни провизија од неверојатни половина милион евра. Само за да ги продолжи разговорите со Израелецот, тој инсистира да ги добие, до евро, побараните половина милион евра“, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Заев објави и СМС пораки кои наводно Костова му ги испратила на Мијалков во април 2011 година, со која го известува „дека пријателот испратил 540.000 евра“.

„Хаим, како што беше договорено со вас, ќе дојде повторно на 12 мај. Би сакала да ве потсетам дека вие треба да се видите со Хаим“, се вели во смс пораката.

Понатаму, во друга СМС порака, која наводно е испратена десет дена по средбата на Израелецот со Мијалков во Скопје, се вели дека тој му префрлил на директорот на УБК уште 840.000 евра.

Кореспонденцијата за која СДСМ тврди дека е меѓу соработничката на Мијалков и претставникот од израелското Министерство за одбрана

За лицето Хаим Хакејни на интернет не може да се најде буквално ништо. Според разговорите кои наводно се водат меѓу Мијалков и Костова, станува збор за лице вработено во израелското Министерство за одбрана. Заев објави и документи кои потврдуваат дека Израелецот бил чест гостин во Македонија, почнувајќи од 2008 година.

Преговори за тоа во која банка да се префрлат парите

„Значи ќе им кажеш: Додека не ги добиеме последните пари, тоа се пола милион, да не пуштаат. Следното пуштање нека биде одеднашка, како што рековме, така?, ѝ вели Мијалков на неговата соработничка во еден од објавените разговори.

„Да, на три пати рекоа, и Вие рековте така....“, одговара таа.

„Три пати, по колку беше?“, прашува Мијалков.

„Три пати по 900 и нешто“, вели Костова.

Вака, според Заев, се одвивале преговорите за тоа како да се префрла провизијата за опремата за прислушување што ја набавувало МВР. Како потврда на ова, Заев пушти аудио снимка меѓу Костовска и Хаим Хакејни, во кој таа му вели „рековме штом ќе го добиеме остатокот од парите, Вие ќе почнете со следната исплата“.

Понатаму, тие договараат во која банка да бидат исплатени парите. Израелецот ја известува дека „ја промениле банката, на друго место, во Будимпешта“.

„Директорот ни даде детали од друга банкарска сметка на која ќе ги уплатиме парите. Во понеделник компанијата конечно ќе го плати остатокот од парите за авансот“, Хакејни ја известува Костова.

Парите се префрлале преку фирмата НВСП – газда на повеќе медиуми?

Во петтиот разговор, според објавените снимки, може да се чујат гласовите за кои СДСМ тврди дека се на Костова и на директорот на фирмата НВСП, Владислав Стајковиќ, каде што се договара исплатата.

„Мислам дека уште 100-че фали“, вели Стајковиќ, а Костова додава дека ќе пише дека станува збор за донација, во која се вклучени „трошоците и провизијата“.

Инаку, фирмата НВСП која се бави со консалтинг и посредување е прв сопственик на агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис, која обезбедува клучни објекти во центарот на Скопје. Според изводите од Централниот регистар може да се види дека приоритетна дејност на НВСП е да врши трговија на големо со електронска и телекомуникациска опрема, а поседува и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје издадено од МВР.

НВСП е и сопственик на фирмата на која е регистрирано „Радио Слободна Македонија“. Стајковиќ, според документите од Централниот регистар, се јавува и како прв сопственик на компанијата „Финзи“, сопственик на порталот „Нетпрес“.

Фирмата НВСП, во сопственост на Стајковиќ, е газда на „Радио Слободна Македонија“

Владислав Стајковиќ е директор на фирмата „Мобико“, каде што сопственик е Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-мобиле Македонија, на кого Мијалков му е кум.

„Четиринаесет милиони евра кои не смеат да се чепнат“

Од дел од презентираните аудио-снимки кои наводно се водат меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески кон крајот на 2012 година, може да се слушне како Јанкулоска му соопштува на министерот дека има 850 милиони денари во буџетот кои не смеат да се чепнат, бидејќи „така било договорено со премиерот“. Во друг разговор, Мијалков наводно ѝ кажува на Јанкулоска: „Не, не, таму не пипаме, ќе зборам и јас со премиерот, таму нема пипање“.

Според Заев, овие 850 милиони денари или 14 милиони евра се наменети за набавката на опрема за прислушување.

„Изминатиов период, токму од поранешниот прв човек на Дирекцијата за јавна безбедност, Горан Митевски, стигна тврдење дека снимките кои се автентични, се направени со опремата за прислушување набавена во 2008 година од Израел. Истовремено, станува јасно дека е набавена опрема за прислушување и во 2011 година. Граѓаните платиле безмалку 14 милиони евра за опрема којашто била набавена за да биде злоупотребена, за Груевски и Мијалков да влезат во животите на

МВР: Донацијата е со назнака „државна тајна“

Донацијата од 5.557.377 евра е примена. Со неа е купена опрема која што е предадена на специјалните единици и која што се користи во моментов, се вели во соопштението на Мијалков

Директорот на УБК Сашо Мијалков преку соопштение демантираше дека зел провизија од половина милион евра од Израелците. Според него, станува збор за донација со која е купена опрема која што е предадена на специјалните единици.

„Не станува збор за никаков поткуп или корупција, туку за договарање и следење на процедурите околу донацијата која што ја доби Министерството од нашите пријателски служби. Донацијата од 5.557.377 евра е примена. Со неа е купена опрема која што е предадена на специјалните единици и која што се користи во моментов, со што е подигната нивната борбена готовност“, се вели во соопштението на директорот на УБК, кој најави дека за ова постои документација и договори кои ќе бидат приложени во процесот што ќе го покрене против Заев.

Со писмена реакција се јави и МВР, каде се тврди дека станува збор за официјален договор за донација кој е класифициран со највисок степен како државна тајна.

„МВР сака и јавно да се извини до израелското Министерство за одбрана за денешниот срамен настап на четвртоосомничениот и да изрази уверување дека ставовите на вакви луѓе не се и официјални ставови на Македонија. Се надеваме дека блиските односи и соработката ќе продолжат и во иднина на највисоко ниво. Грѓаните на Македонија и Министерството се благодарни за донираната помош и убедени се дека ваквите испади нема да ги нарушат досегашните односи“, се вели во соопштението.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се