Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
13. мај. 15.

Реконструкцијата - маневар за останување на власт

Мери Јордановска Призма

Политичката криза влегува во нов забрзан расплет во кој сите сценарија се можни. Засега се чини дека на дело е обид со жртвување на двајца министри и шефот на УБК за Груевски да остане на власт, во ситуација на засилен меѓународен притисок.

Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Миле Јанакиески се повлекоа од функциите, но останува отворено дали Груевски жртвуваше тројца клучни фигури, за тој да остане на власт

СДСМ не се враќа во Собранието, што ги урива тезите за мала владина реконструкција издејствувана како компромисно решение. ДУИ пак не ја напушта владата што пак, ги урива очекувањата за брза разврска и пад на кабинетот на Груевски.

Судејќи според информациите што се лиферуваат од провладините кругови, оставките на министрите за внатрешни работи и за транспорт Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и на директорот на УБК Сашо Мијалков не значат оставка на Владата, туку само нејзина реконструкција, како што впрочем и најави премиерот Никола Груевски на конгресот во Куманово.

Сепак, индикативно е тоа што министерката Јанкулоска на прашање на БИРН минатиот вторник беше децидна дека не чувствува одговорност и нема намера да дава оставка. Истото Јанкулоска го кажа и во саботата, по завршувањето на полициската акција во Куманово.

Предлогот за нов министер за внатрешни работи Чавков со Мијалков, Груевски и Јанкулоска / Фото: МИА

Оттаму, сосема е извесно дека Јанкулоска и шефот на УБК Мијалков ја дале оставката со амин на премиерот, по средбата со амбасадорите од земјите членки на ЕУ и САД.

Единствено очекувана беше оставката на министерот за транспорт Миле Јанакиески за кого веќе две недели се шпекулираше дека ја напуштил својата позиција. БИРН потврди од два независни извора дека министерот ја напишал оставката и дури се обидел да ја напушти државата, но бил вратен под притисок на Груевски.

Сценариото за реконструкција како мал издувен вентил што, под притисок на странците ќе го врати СДСМ во парламентот и на преговарачка маса сепак не може да се оствари со оглед на децидниот став на опозицијата дека немаат намера да се вратат во Собранието „се додека Груевски е премиер“, како што велат за БИРН од партијата.

Оптимизмот кај опозицијата дека е ова почеток на крајот, го намалува фактот дека ДУИ нема намера да излезе од владата, засега. Ова го потврди и вчерашната изјава на министерот за образование Абдулаким Адеми.

Оттаму она што во моментов е извесно е дека е на дело обид со владина реконструкција да се покаже конструктивност, а при тоа да се задржи власта во рацете на Груевски. Особено ако се земат предвид новите кадри што ги предложи Груевски на местата на Јанкулоска и Јанакиески. Станува збор за луѓе од доверба кои биле во високите ешалони на власта и кои според својата биографија укажуваат дека курсот на оваа влада нема да биде сменет.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се