Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
09. дек. 14.

Пред да абортира, жената ќе треба да го слушне срцебиењето на плодот

Мери Јордановска Призма

Како што е конципиран Правилникот за советување при прекин на бременоста, тој претставува сценарио за психолошка траума на жената која решила да абортира.

Новиот Правилник на Министерството за здравство со кој се прецизира како лекарот треба да ја советува жената што сака да ја прекине бременоста, ја отвора дилемата дали станува збор за медицински правилник или пак, за вршење психолошки притисок за откажување на абортусот. Во Правилникот објавен во „Службен весник“ во октомври годинава, меѓу другото стои дека „пред да се одлучи да абортира, жената ќе мора да го види плодот на ултразвук, а докторот треба да ѝ овозможи да го чуе биењето на срцето на плодот“.

Член 2 од Правилникот за прекин на бременоста

Гинеколозите, како и претставниците на невладиниот сектор што ги консултираше БИРН, тврдат дека станува збор за скандалозен текст, и процедура дизајнирана со цел да се разбудат емоциите, особено чувството на вина и да се влијае на психата кај жената со цел таа да се премисли и да не ја прекине бременоста. Правилникот се однесува на сите доктори кои вршат абортус, без разлика во која недела од бременоста се наоѓа жената.

Во Правилникот на Министерството, потпишан од министерот Никола Тодоров, се вели дека „при советувањето, се прави ултразвучен преглед на бремената жена, се покажува динамична ултразвучна слика од плодот со негов опис и се овозможува да се чуе срцебиењето на плодот“. Освен тоа, како што стои во актот составен од вкупно четири члена, “докторот треба да ја информира жената за сите анатомски и физиолошки карактеристики на плодот во таа гестациска старост“.

Членот 3 од Правилникот предвидува докторот на бремената жена да ѝ ги каже анатомските и физиолошките карактеристики на плодот

Со други зборови, тоа значи дека лекарот е должен да ја информира жената којашто решила да ја прекине бременоста во осмата или деветтата недела од бременоста, дека фетусот e со големина од 14 милиметри, дека се формирани лицето, очите, сите поважни органи, папочната врвца и дека плодот веќе се движи.

„Јас навистина не ја разбирам целта на овој Правилник. Претходно, жените кои сакаа да ја прекинат бременоста, ги прашувавме, дали сакате да го чуете срцебиењето на плодот? Најчесто велеа - не. Во случајов, со овој Правилник, јас ќе бидам задолжена на жената да ѝ пуштам снимка, доколку имам доплер од биењето на срцето. Очигледно, нашите медицински познавања и етики се разликуваат од оние на министерот“, вели гинеколог од скопската клиника која сакаше да остане анонимна.

Жената треба да има избор дали сака да го види плодот

Друг гинеколог од приватна клиника во Скопје што го консултираше БИРН, пак, вели дека досегашната практика била при првиот преглед да се утврди дали плодот е жив или мртов, без навлегување во понатамошни детали во случаите кога жената се изјаснила дека сака да ја прекине бременоста.

„Сега, јас ќе треба на жената да ѝ објаснувам каде му се очите, а каде срцето на плодот... Не гледам зошто би се правело тоа, освен ако поентата не е да ја натерам да го задржи“, вели тој.

Гинекологот објаснува дека веќе од шестата недела од бременоста може да се види срцебиењето на плодот, а од десеттата веќе можат да се препознаат органите. Жените кои веќе решиле да извршат абортус од најразлични причини (лични или здравствени), како што велат гинеколозите, најчесто ги избегнуваат тие моменти, бидејќи предизвикуваат емоции со кои секоја жена тешко се справува. Во случајов, со носењето на овој Правилник, тие веќе ќе немаат избор.

ХЕРА: Сакаат жената да се чувствува виновно

Од невладината организација ХЕРА сметаат дека Правилникот усвоен од Министерството е пристрасен и дека тој во одредени делови е во спротивност со домашната легислатива и меѓународните правни акти.

„Прикажувањето на динамичната ултразвучна слика на плодот, слушањето на срцебиењето на плодот, информирањето за гестациската старост на плодот, објаснувањето на ефектите од интервенцијата на плодот, никако не влијаат на здравствената состојба на жената, ниту пак, на кој било начин се битни за самата интервенција и имаат пристрасна цел жената да се чувствува виновно за донесената одлука и евентуално да ја промени, што понатаму може негативно да се одрази врз нејзиното здравје“, велат од ХЕРА.

Од ХЕРА се повикуваат на Законот за заштита на правата на пациентите, кој пропишува дека пациентот има право да одбие информација поврзана со неговото здравје и со препорачаните медицински интервенции.

„Заради сево ова, апелираме да се изврши ревизија на овој Правилник, согласно препораките на Светската здравствена организација за безбеден абортус и медицина базирана на докази, како и согласно домашната и меѓународната легислатива која се однесува на правото на информираност на пациентите.“

Во актот на Министерството се вели дека жената ќе биде советувана „за можните предности од продолжувањето на бременоста, но и за можните ризици од спроведувањето, односно неспроведувањето на интервенцијата“.

Измените во Законот за прекин на бременоста беа донесени во јуни минатата година. Во измените се вметнаа долготрајни процедури на одлучување низ две комисии пред да се донесе конечната одлука за абортусот. Овој закон донесе и жестоки реакции од повеќе невладини организации кои сметаа дека се прекршува правoто на избор на жената.

ПротестиПротестите во јуни 2014 година, кога беа изгласани законските измени | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Законот беше оспорен пред Уставниот суд, кој во октомври годинава одлучи дека тој не го ограничува правото на абортус. Запаметена ќе остане и изјавата на уставниот судија Сали Мурати кој рече:

„Абортусот не е исклучиво право на мајката. Тој се однесува и на таткото, на поширокото семејство и на општеството. Ние треба да го заштитиме нероденото дете, чиј живот почнува со зачнувањето. Оваа година се регистрирани повеќе прекини на бременоста отколку породувања. Имало 30 илјади абортуси наспроти 24 илјади новороденчиња. Во светски рамки, секои 30 секунди има насилен прекин на бременост. Ако продолжи овој тренд, ќе се уништи човештвото“ рече Мурати.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Релевантни документи

Правилник за советување при прекин на бременоста

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се