Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
16. мај. 15.

Опозицијата ја оспори патриотската слика за премиерот

Синиша Јаков Марушиќ Призма

Македонската опозиција, денеска, објавувајќи ја политичката бомба, обелодени аудио разговори за кои тврди дека го разобличиле „лажниот патриотизам“ на премиерот Никола Груевски и ја покажале неговата подготвеност за промена на името.

Пазарот за името го правела власта, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев | Фото: СДСМ

Како дел од 33-тата политичка бомба лидерот на социјалдемократите Зоран Заев обелодени аудио снимки на функционери за кои тврди дека откриле лажниот и лицемерен патриотизам во врска со долгиот спор за името со Грција.

„Тогаш кога Никола Груевски обвинуваше дека платеници, соросоиди заговараат промена на уставното име на Република Македонија. Е тогаш навистина се правеле пазари. Но, тие пазари ги правела власта“, рече Заев.

Грција, земја членка на НАТО со право на вето, го блокира влезот на Македонија во НАТО во 2008 година. Грција инсистираше на тоа дека името Македонија имплицира територијални претензии кон нејзината северна област, исто така наречена Македонија.

Напредокот на Македонија кон ЕУ беше блокиран од истите причини, иако Македонија доби кандидатски статус во декември 2005 година, а во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава се препорачуваше почеток на преговори, секоја година, од 2009.

Груевски, за овие девет години колку што е на власт, за себе изгради слика на жесток бранител на името на државата | Фото: БИРН

Груевски, за овие девет години колку што е на власт, за себе изгради слика на жесток бранител на името на државата и инсистираше на тоа дека било кое решение за името договорено во разговорите со посредство на ОН, ќе мора да оди преку референдум во Македонија.

Во една од објавените снимки на опозицијата, гласовите за кои СДСМ тврди дека се на Груевски и на поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, се слушаат различни предлози за името и за тоа дали тие ќе бидат прифатливи за македонската јавност.

Братучедот на Груевски, доскорешен шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, наводно се приклучува во разговорот преку интерфон.

Според она што се слуша на снимката, Милошоски им објаснува на Груевски и на Мијалков дека треба да се најде сложено име кое вклучува префикс со "политичка конотација", како „Независна“, „Суверена“ или „Демократска“ пред името Република Македонија, а да се прифати уште еден прилог во задниот дел на името, во заграда, како „(Горна)“, „(Северна)“ или „(Вардарска)“.

Милошоски вели дека на овој начин, име како „Независна Република Македонија (Горна)“ или со некои други варијации на истата формула, би било плус за македонската страна бидејќи „ќе го задржиме името ‘Република Македонија’ непроменетo“.

Милошоски во снимките вели дека име како „Независна Република Македонија (Горна)“ би било плус за македонската страна бидејќи „ќе го задржиме името ‘Република Македонија’ непроменетo“ | Фото: Фејсбук страна на Милошоски

Од друга страна, бившиот министер за надворешни вели дека грчката страна ќе биде во можност да го продаде ова до грчката јавност преку тврдењето дека „македонското име е видно променето“.

Во друг аудио разговор, Груевски ѝ вели на пратеничката Силвана Бонева дека веќе прифатиле одредено име, но не дава повеќе детали.

„Тоа беше крајот на јули, почетокот на август. Грчкиот претставник даде предлог, нешто како компромис. Ние го прифативме. Тој рече дека треба да ја убеди својата страна, но оттогаш поминаа два и пол месеци и тој се нема јавено“, наводно и вели Груевски на Бонева.

Како одговор на политичката бомба на опозицијата, Груевски за телевизија „Сител“ изјави дека она што се случило е „очигледна размена на мислења“, во кои немало ништо лошо. Груевски во својата изјава ја оцени прес-конференцијата на опозицијата како „транспарентен обид да нè прикажат како луѓе кои се желни за промена на името“.

„Сосема е нормално да се зборува за тоа. Луѓето очекуваат од мене да барам решенија“, рече Груевски.

„Ние разгледувавме повеќе предлози за името. Најверојатно и опозицијата го правела истото“.

Во ноември минатата година БИРН откри името дека посредникот на ОН Метју Нимиц предложил промена на името во април 2013 година.

Предлогот, како што стои во документот на БИРН, е од 9 април 2013 година и се однесува на името „Горна Република Македонија“.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се