Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
11. ное. 15.

Македонското „свидетелство“ од Брисел со најслаби оценки во регионот

Ивана Костовска Призма

Македонија добила најслаби оценки од Брисел за напредокот во изминатите дванаесет месеци во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово Црна Гора во делот за борба против корупција, борба против криминал, судство и слобода на изразување.

Евроамбасадорот Аиво Орав му го врачува извештајот на ЕК на премиерот Груевски / Фото: МИА

Скенирањето на извештаите за напредокот на земјите кои тежнеат да станат членки на Европската унија покажува дека забелешките на Европската комисија за регионот главно се фокусирани на пет области кои се повторуваат. Тоа се судството, партизацијата, корупцијата, медиумите и имплементацијата на легислативата.

Споредбата меѓу државите според новата методологија на Брисел, која напредокот во изминатата година во извештаите го мери описно од еден до пет: назадува (еден), нема напредок (двојка), одреден напредок (тројка), добар напредок (четворка) и многу добар напредок (пет) покажува дека Македонија не може да се пофали со добиените оценки од Брисел.

Единица за македонското судство

Компарирањето на оценките за реформските процеси во судството покажува дека единствено Македонија има единица, односно дека „заостанува“. Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора имаат постигнато одреден напредок (тројка), а највисока оценка има Србија, која е оценета со четворка или добар напредок.

Албанија, која лани доби кандатски статус од ЕУ, според она што е наведено во извештајот, има проблем со корупцијата во судството и со тоа што не е обезбедена независноста на судиите, додека на БиХ ѝ се забележува за политички мотивирани напади на судиите.

Во Косово, кое потпиша Договор за стабилизација и асоцијација, исто така му се забележува дека судиите се склони кон влијание, што е проблем и за Србија, каде што според Брисел, судската независност не е обезбедена во практика.

Македонија, според „сведителствата“ од Брисел, има добиено најниска оценка и во делот на борбата против корупцијата.

Во извештајот пишува дека во земјата има широко распространета корупција. Сите други држави се оценети со тројка, што значи дека Европската комисија заклучила оти постои одреден напредок.

Во делот за борба против корупција, на Албанија ѝ се забележува дека институциите се склони на политичко влијание, додека од БиХ се бара да донесе антикорупциска стратегија, да ја подобри легислативата, особено кога станува збор за финансирањето на партиите, како и да ги заштити „свиркачите“.

Препораките за Косово е да има стратешки пристап во борбата против ендемската корупција, како и да се зголеми соработката помеѓу обвинителството и судството за високо профилирани случаи.

Ограничено гонење на луѓе кои се вклучени во високи случаи на корупција се забележува и во Црна Гора, која според Брисел напредувала во преговорите за членство, кои зависат од напредокот во делот на владеењето на правото.

Процесуирање на високо профилираните случаи на корпција се бара и од Србија, која годинава се смета за лидер според реформите на европскиот пат.

Во делот на борбата против криминал, само Македонија нема напредок, додека кај другите земји Брисел забележува одреден напредок и им дава повисока оценка.

Заедно со БиХ сме последни по слобода на изразување

Македонија, заедно со БиХ, е државата која според новата методологија на Брисел има добиено единица, што значи дека назадувала и на ова поле во изминатата година.

Во извештајот за Македонија пишува дека слободата на изразување и на медиумите остануваат сериозен предизвик, имајќи ги предвид актуелната медиумска култура и политичката клима.

Во овој дел од извештајот е забележано дека во изминатата година имало зголемен број на пријави за закани и малтретирање врз новинарите, како и случаи на материјална штета кон медиумите нанесена од непознати извршители.

Спомнат е примерот кога во домот на новинар бил испорачан погребален венец, како еден од двата примера на смртни закани упатени кон новинари, потоа неколкуте физички пресметки во кои биле вклучени новинари, при што во една бил вмешан и висок политичар, и кои не биле осудени од страна на власта.

Извештајот забележува дека повеќе новинари изјавиле дека нивни телефонски разговори биле содржани во илегално направените снимки, што укажува дека биле изложени на незаконско следење. Забележано е и дека дел од снимените разговори укажуваат оти медиумите биле под директен или индиректен притисок од страна на власта во нивното известување.

Во извештајот за БиХ, пак, е наведено дека и покрај тоа што има закони, нема услови за целосна слобода на изразување. Постои политички притисок и заплашување кон новинарите и нема транспарентност во медиумската сопственост. Од БиХ се бара да ги решава случаите со закана против новинарите, како и да му овозможии финансиска и уредничка независност на јавниот сервис.

Во делот на реформите за јавна администрација, најголем напредок во изминатите 12 месеци имало во Албанија и во Косово, додека најлошо е оценета БиХ. Македонија има одреден напредок, исто како и Србија и Црна Гора.

Во осумдесетте страници во кои бриселската администрација ја скенира состојбата во Македонија, пишува дека земјата треба да покаже силна политичка волја за да се справи со политизацијата на јавниот сервис. Од Србија се бара имплементација на амбициозните планови за да се намали политизираноста на администрацијата, што е предизвик и за официјална Подгорица.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се