Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
10. ное. 15.

Лоши оценки за Македонија од Брисел, за препораката ќе се одлучува по изборите

Ивана Костовска Призма

Македонија назадува во областа на судството и делот на слободата на изразување, а нема напредок во областа на борбата против корупција, функционирањето на пазарна економија и регионалната политика, покажува извештајот што го објави Европската комисија

Според описните оценки што ги дава Европската комисија во извештајот, Македонија добива двојка во повеќето од клучните области за тоа каква е актуелната состојба во државата

Сериозната политичка криза, високото ниво на корупција, кршењето на човековите права, мешањето во работата во судството и во работата на медиумите го обоија извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија што денеска го објави Брисел.

„Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за почеток на преговори со Поранешната југословенска Република Македонија. Но, тоа ќе биде условено со имплементација на политичкиот договор од јуни/јули и со потребниот напредок во спроведување на ургентните реформски приоритети. Ова прашање ќе биде повторно разгледано по изборите“, пишува во извештајот.

Според описните оценки што ги дава Европската комисија во извештајот, Македонија добива двојка во повеќето од клучните области за тоа каква е актуелната состојба во државата. Во извештајот се користи описно оценување од еден до пет за актуелната ситуација: рана фаза, одреден напредок, умерено подготвена, добро ниво и напредно ниво. Македонија е оценета со двојка или одреден напредок во делот за слобода за изразување, судство и основни права, борба против корупција, борба против органзиран криминал и безбедност на храна.

Во поглед на напредокот кој е постигнат во изминатите 12 месеци, се даваат пет оценки: назадување, нема напредок, одреден напредок, добар напредок и многу добар напредок. Македонија назадува во судството и во слободата на изразување, а нема напредок во борбата против корупција, функционирањето на пазарна економија, регионална политика и координација на структурните инструменти.

Спроведувањето на Пржино и препораките на Прибе клучни за препорака

Прислушуваните разговори во кои очигледно се вмешани високи владини функционери, ставаат на знаење дека има нарушување на фундаменталните права, мешање во судската независност, во слободата на медиумите, во изборите како и корупција, изјави еврокомесарот Јоханес Хан на почетокот од неговата презентација на извештајот на Европската комисија за напредокот на Макеоднија пред пратениците во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.

Тој рече дека загриженост за овие појави се сигнализираше и во претходните извештаи. Хан потсети дека во јуни посредуваше заедно со европарламентарците за постигнување на Договорот од Пржино. Политичките лидери мора да го применат Договорот, рече тој.

Маричиќ: Реални и конкретни оценки

Според Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, извештајот од Брисел дава реални оценки кои се поконкретни за разлика од претходните години. „Извештајот е добра основа за да не поттурне напред затоа што не ги премолчува главните проблеми, фокусот го става на политичката криза и ја условува препораката за преговори со имплеметација на Договорот од Пржино и Извештајот на Прибе. Доста се тешки оценките особено за политичките критериуми, се користи отворен јазик и за прислушувањето, се посочува вклученоста на високи функционери во корупција, мешање во работата во судството и медиумите“, вели Маричиќ. Тој додава дека е битно што се укажува дека Договорот од Пржино и извештајот на Прибе се клучни инструменти за реформ и во Македонија во наредниот период.

Во осумдесетте страници во кои бриселската администрација ја скенира состојба во Македонија пишува дека државата се соочува со најсериозната политичка криза од 2001 година. Брисел забележува дека недостасува политички дијалог и постојат тешкотии за постигнување на консензус, нагласувајќи дека фокусот треба да се стави на имплементација на реформските приоритети од Европската комисија (извештајот од Прибе) и на политичкиот договор од Пржино.

Меѓуетничките односи, според Европската комисија, остануваат чувствителни. Настаните што се случиле во изминатата година укажуваат дека потребни се проактивни мерки за да да се решаваат меѓуетничките проблеми, да се изгради поголема доверба меѓу заендиците, вклучувајќи комплетирање на ревизијата на Охридскиот рамковен договор. Се бара и целосна истрага за настаните во Куманово.

За политичките критериуми, во извештајот стои дека врз основа на Договорот од Пржино, опозицијата се вратила во Собранието по едногодишниот бојкот. Брисел наведува дека бојкотот сериозно влијаел на целокупното функционирање на институцијата. Се наведува уште дека дека треба да се продолжи со имплементација на реформските приоритети од Прибе и на политичкиот договор.

Во делот за граѓанско општество, во извештајот пишува дека граѓанските организации одиграле конструктивна улога во контекст на политичката криза, но истовремено ја изразиле својата загриженост во однос на климата во која работат и недостатокот од дијалог со власта, како и поради јавните напади од одредени политичари и провладини медиуми.

Во делот на јавната администрација, во одредени области има напредок, но останува загриженоста во однос на политизацијата која била засилена со содржината на прислушуваните материјали и потценувањето на вработувањето врз основа на заслуги, забележува Брисел.

„Довербата на јавноста во функционирањето на институциите е уште повеќе еродирана“, стои во извештајот.

За судството каде земјата назадува во изминатите 12 месеци, Европската комисија забележува дека реформскиот процес е поткопан од политичко мешање во неговата работа. Се бара да се истражат индициите од снимките за злоупотребите во судството, а властите да покажат реална политичка волја за да се овозможи целосна независност на судскиот систем, овозможувајќи му на специјалниот јавен обвинител да работи непречено во истражување на содржината од снимките.

Македонија доби двојка и во делот на борбата против корупцијата, каде се наведува дека недостатокот од легислативните и институционалните постигнувања биле засенети од недостатокот од политичка волја и мешање во работата на релевантните тела, особено кога се работи за високо-профилирани случаи. Се бара ефективно гонење на случаи кои вклучуваат високо ниво на корупција.

Европската комисија забележува дека постои сериозен проблем во остварување на слободата на информирање со актуелната медиумска култура и политичка клима, како и дека земјата продолжува да уназадува во овој дел. Обидите да се ограничи истражувањето на медиумите за прашања од јавен интерес се ценуваат како загрижувачки.

Македонија има повисока оценка за економските критериуми-четврока (добро ниво на подготвеност). Државата е оценета со највисока оценка за усогласеноста на легалната рамка за монетарна политика со законодавството на ЕУ, а со четворка за развивање на функционална пазарна економија и за законодавство за компании. Четворка или добро ниво на подготвеност има за информатичко општество и медиуми, за наука и истражување, за царинска унија, за функционална пазарна економија. Со тројка е оценета јавната администрација и слободно движење на добра.

Евроинтегративниот процес во ќорсокак

Во Стратегијата за проширување се нагласува дека јасната перспектива за проширување е клучна за стабилизација на регионот. За Македонија во Стратегијата за проширување се наведува дека евроинтегративниот процес е во ќорсокак.

Европската комисија во Стратегијата наведува дека скандалот со прислушување открил распространети напади врз владеењето на правото, злоупотреба на фундаменталните права и слабости во демократското функционирање на државата.

„Овие прашања итно треба да се решат. Овие недостатоци се појавија и покрај тоа што владеењето на правото и други реформи се воспоставени во смисла на легислатива и соодветни институционални структури. Примерите нагласуваат дека е значајно земјите кои се вклучени во процесот на проширување да направат реформи во пракса, а не само на хартија“, пишува во Стратегијата за проширување.

Брисел во Стратегијата нагласува дека е клучно нашата држава да гради добри односи со соседите, како и неодложно да се најде решение за спорот околу името со Грција во Обединетите нации. Се бараат „одлучни чекори“ за решавање на спорот со јужниот сосед. Европската комисија бара буџетот да биде насочен кон раст и кон вработување, како и да се подобри транспарентноста.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се