Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
16. мар. 15.

Кој го купува вредното земјиште на Водно?

Мери Јордановска Призма

БИРН истражуваше кои се фирмите кои се јавуваат како купувачи на вредното земјиште на Водно. Податоците нè водат кон оф-шор компании и многу сложени шеми на преименувања фирми, адреси и сопственици, со што се добива впечаток дека некој сака да го скрие вистинското име на купувачот на локациите.

На улицата Питу Гули 39 денеска беше гужва. Имаше новинари и незадоволни жители од општината кои со деталниот урбанистички план во рака објаснуваа зошто на тоа место не може да се гради. Станува збор за шумата и за земјиштето на Водно од илјадници квадратни метри за кое СДСМ вчера обвини дека било купено од фирми блиски до премиерот Никола Груевски, каде што тој сакал да гради.

Вредното земјиште на Водно сега е купено од три фирми, Ексико, Кара и Сирах Инжинеринг | Фото: М.Јордановска

Заинтересираноста за локацијата, според она што ни го кажаа луѓето што живеат таму, постоела одамна.

„Доаѓаа тука со години, сите го меркаа ова место. Погледнете колку е убаво, имаш преглед над цело Скопје. Ама не може да се гради, сите се откажуваа оти земјиштето ќе се лизне, не може да издржи“, ни рече еден од жителите на населбата.

Но, од она што може да се види на терен и она што го зборуваат жителите, до она што вчера го презентираше СДСМ, постои голема разлика.

Според документите од катастарот, што беа презентирани од опозицијата, шест парцели од над 17 илјади квадратни метри на ова место се купени од три фирми: Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах Инжинеринг. Секоја од нив има купено по две парцели. Најголемо земјиште поседува фирмата Сирах – повеќе од 11 илјади квадратни метри.

Од оградата на оваа куќа треба да почне изградбата на пат, кој би се движел преку целиот рид на Водно | Фото: М. Јордановска

Груевски: Немам земјиште на Водно

Најостро ги демантирам, како целосно невистинити, наводите изјавени од Зоран Заев за тоа дека наводно сум купувал градежни плацеви и дека наводно сум сопственик на било каков плац, или пак на било каков начин поседувам имот надвор од оној кој е пријавен во мојот анкетен лист, кој е јавно објавен. Овие наводи се целосно измислени и невистинити. Тоа се лаги и конструкции чија цел е јасна, а тоа е моја компромитација, како дел од сценариото кое овој човек го одработува - се вели во демантот што премиерот го испрати до медиумите

Од оградата на оваа куќа, доколку разговорите меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески што ги презентираше СДСМ се автентични, треба да почне изградбата на пат, кој би се движел преку целиот рид на Водно.

„Не знаеме како планираат овде да градат пат, па уште и резиденции, ќе ја срушат планината!“, вели револтираниот стар човек со кого разговаравме во дворот од неговата куќа.

БИРН истражуваше кои се фирмите кои се јавуваат како купувачи на вредното земјиште на Водно. Податоците нè водат кон оф-шор компании и многу сложени шеми на преименувања фирми, адреси и сопственици, со што се добива впечаток дека некој сака да го скрие вистинското име на купувачот на локациите.

Шемата на оф-шор компаниите

Фирмата „Сирах Инжинеринг“ се наоѓа во Кисела Вода, на улицата „Димо Хаџи Димов“. На истата адреса живее и директорот на оваа фирма, Ристо Новачевски, кој, според податоците од Државната комисија за спречување на корупцијата, е член на Одборот на директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост. Тој нема поднесено анкетен лист до комисијата за тоа колкав имот поседува.

Новачевски нема пријавено анкетен лист за имотната состојба до Антикорупциската комисија

Не успеавме да го добиеме Новачевски на телефонскиот број во фирмата – „претплатничката линија е во прекин“, се уклучуваше телефонска секретарка секогаш кога ќе се обидевме. Лидерот на СДСМ Заев вчера рече дека Новачевски е кум на премиерот Груевски од првиот брак, а неговата сестра работела во премиерскиот кабинет.

Сопственик на Сирах Инжинеринг, според документите од Централниот регистер е Сирах Лимитед – компанија лоцирана во даночниот рај Белизе. Седиштето на оваа компанија е улицата 1 ½ Miles Northern Highway.

Доколку се погледнат документите од Централниот регистер, може да се види дека на оваа адреса се сместени повеќе македонски компании.

На истата адреса е сместена фирмата- сопственик на неделникот „Република“ како и фирмата Базики ЛТД.

Фирмите од Белизе се лоцирани на иста адреса

На мапата од Белизе се гледа дека на оваа локација, со поглед кон Карипското море, се наоѓа консултантската фирма Desire Solutions и фирмата Frontier International - на истата локација на која се и трите македонски компании.

Локацијата на Белизе на трите оф-шор компании

Фирмата Базики ЛТД, пак, според документите од Централниот регистар, во 2011 година, заедно со фирмата „Ексико“ била еден од сопствениците на фирмата „Искра ММ“ (сегашна Комплекс Александрија ДООЕЛ). Подоцна, како еден од сопствениците на „Искра ММ“ фигурира и Цветан Панделески, кој е татко на Дејан Панделески – кумашинот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Ексико“ е втората компанија која се јавува како купувач на две парцели на Водно, кои претходно биле наменети за спорт и рекреација, а подоцна, кога се менува Деталниот урбанистички план ставени се маркици за семејно домување.

Местото каде што „Ексико“ ги има купено двата плацови на Водно | Фото: М. Јордановска

„Ексико“ e акционер во „Евробалкан Хотелс ДОО“, фирма која подоцна го менува називот во „Хотел Ибис ДОО“. Тоа е фирмата која на плоштадот Македонија го градеше хотелот „Ибис“.

Сопственици на „Хотел Ибис ДОО“ покрај „Ексико ДООЕЛ“ е и „Орка Холдинг“, каде што мнозински акционер е бизнисменот Орце Камчев, а воедно е и акционер во „АД Бетон Штип“, фирмата која градеше и гради голем дел од проектот Скопје 2014.

Третата компанија, купувач на земјиштето на Водно, пак, е фирмата Кара АД Скопје, која исто така се поврзува со бизнисменот Камчев.

Мегаломански афинитети на власта

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера обелодени дека ДУП-овите („Тасино Чешмиче“ и „Капиштец – Водно“) каде што се наоѓаат овие вредни парцели биле сменети само со цел „да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“.

Измените на двата ДУП-ови беа најавени уште пред локалните избори во 2013 година, а досени беа во летото минатата година, кога мнозинството од советот во општината Центар ја имаше опозицијата. Во тој период, претседавачот со Советот на општината од опозицијата, Мирослав Шиповиќ, беше уапсен и притворен за случајот „Машинопромет“, а подоцна пуштен да се брани од слобода. Откако беше пуштен, Шиповиќ гласаше „воздржан“ за носењето на измените на двата ДУП-ови, што беше доволно за тие да стапат во сила.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски минатата година се спротивстави на носењето на двата ДУП-ови и случајот го поднесе пред Уставниот суд, кој се прогласи за ненадлежен.

Со тоа се отвори можноста за градење на овие локации, кои претходно биле наменети само за зеленило, спорт и рекреација.

Засега, на овие локации сè уште има шума и зеленило, иако на некои делови веќе е почнато со сеча на дрвјата.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се