Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
18. дек. 14.

Исчезна процедурата која предвидуваше функционерите да не плаќаат хонорари

Мери Јордановска Призма

Документот кој предвидуваше дека избраните и именуваните функционери нема да плаќаат придонеси за дополнителните хонорари што ги заработуваат, исчезна од веб страницата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а министерот Спасов тврди дека станувало збор за работна верзија

Од веб страницата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) избришана е процедурата со која се регулираше плаќањето придонеси за хонорарците, а од која беа изземени функционерите.

Процедурата беше објавена во ноември годинава на веб страницата на ПИОМ, а потоа ја пренесоа речиси сите медиуми. Документот, кој од Министерството за труд и социјална политика беше испратен по електронска пошта и до редакцијата на БИРН, регулираше кои категории граѓани ќе бидат опфатени со измените за плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Таму пишуваше дека од 1 јануари 2015 година, согласно одредбите од Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, меѓу другите, нема да бидат опфатени и договорите за примањата на функционерите, пратениците, советниците, односно сите избрани и именувани функционери.

Диме Спасов, министер за труд и социјална политика денеска на прашање на БИРН изјави дека всушност станувало за работен документ кој трпи промени, но не објасни зошто работен документ бил доставен до медиумите и објавен на веб страницата на ПИОМ и на Министерството.

„Процедурата не е подзаконски акт. Тоа беше работна верзија која што се спремаше како одговор на прашањата што ги имаат заинтересираните граѓани. Таа не е финален документ, ниту подзаконски акт. Тоа е работен документ кој го дообјаснува Законот за придонеси, меѓутоа таа процедура во наредниот период трпи промени“, рече Спасов.

Министерот е дециден дека функционерите нема да бидат изземени од плаќање придонеси за хонорарите.

Само пред месец и половина пак, министерството со кое тој раководи појаснуваше зошто токму функционерите не треба да плаќаат придонеси за дополнителните примања.

„Дополнителни давачки нема да има за примањата на избраните и именувани лица, бидејќи како што велат од Министерството за труд и социјална политика станува збор за именувани или избрани лица кои по основ на таа функција остваруваат надомест. При тоа како пример посочуваат дека постојат институции во кои тие лица не примаат плата туку надомест за вршење на функција“, објави веб-порталот Фактор во ноември 2014 година, а и многу други медиуми.

БИРН вчера објави дел од списокот функционери кои членуваат во управни и надзорни одбори на компании со државен капитал, а за тоа земаат хонорари, кои согласно објавената процедура нема да треба да плаќаат придонеси, за разлика од останатите граѓани.

Кога се обидовме повторно да го најдеме овој документ кој беше објавен на страницата на ПИОМ, наидовме на празна страница.

Нејасно останува зошто измените за плаќање придонеси сè уште трпат промени само 12 дена пред истите да стапат во сила.

Овие измени кои предвидуваат граѓаните да плаќаат здравствено и пензиско осигрување за секој дополнителен прилив наидоа на жестоки реакции од јавноста, а во понеделник закажани се протести од неколку синдикати и здруженија.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Релевантни документи

Процедура за прием во задолжително социјално осигурување и плаќање придонеси за лица кои склучиле договор на дело и/или авторски договор

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се