Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
10. ное. 14.

Државата очекува 68 милиони евра повеќе од хонорарците

Горан Ризаов Призма

Со буџетот за 2015 година е предвидено државата да прибере 68 милиони евра повеќе од годинава по основ на придонеси. Ако се земе предвид дека околу 200.000 лица пријавуваат годишна даночна пријава за дополнителни приходи, грубите пресметки велат дека секој даночен обврзник ќе плати уште по околу 340 евра годишно

На даночните обврзници давачките секогаш им се превисоки, а на функционерите прениски | Фото: Images_of_Money / Foter / CC BY

Секоја година кон средината на март почнува маратонот пред шалтерите на Управата за јавни приходи. Тоа е рокот до кој околу 200.000 граѓани треба да ги пријават своите дополнителни примања освен платата. Најголем дел од овие примања се по основ на договори на дело или авторски договори за кои државата од први јануари ќе наплаќа придонеси од над 35 проценти.

Полнењето на државната каса и трошењето на парите на граѓаните е една од најбитните работи за нормално функционирање на државата. Изградбата на фер даночен систем е темелот на парламентарната демократија, а контролата и транспарентноста при трошењето е основа за нејзината одржливост и континуитет.

Даночниот модел на македонската влада се потпира на системот на рамни даноци, кои се најповолни за богатите и најчесто го применуваат десно ориентираните конзервативни партии. Кај левицата, моделите на даночните системи главно се потпираат на прогресивно високи давачки во зависност од заработувачката. И двата модела имаат свои предности и маани. Заедничко е тоа што за даночните обврзници коишто го полнат буџетот давачките секогаш се превисоки, а за функционерите, кои го празнат буџетот, даноците се прениски.

Колку севкупно се очекува да се приберат пари од овие дополнителни придонеси стои во веќе донесениот буџет за 2015 година. Во ставката приходи од социјални придонеси предвидено е да се приберат околу 68 милиони евра повеќе од годинава. Ако овие 68 милиони евра се поделат на 200.000 граѓани, ќе се види дека секој „хонорарец“ ќе плаќа најмалку 340 евра дополнителни давачки на државата.

Оваа сума може да биде и повисока ако се знае дека меѓу овие 200.000 граѓани има и такви кои поднесуваат даночна пријава во УЈП поради приходи од рента, дивиденда, заработка на берза и слично.

И 35 отсто од хонорарите не ја покриваат „дупката“

Оние што го полнат македонскиот буџет со пари од даноци се вработените во приватниот сектор, а од први јануари и хонорарците. Оние, пак, што го празнат се јавната администрација која брои над 160.000 вработени и армијата пензионери. Согласно проектираниот буџет, новите пари од придонесите ќе одат во Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување.

Оние што го полнат македонскиот буџет со пари од даноци се вработените во приватниот сектор, а од први јануари и хонорарците. Оние, пак, што го празнат се јавната администрација која брои над 160.000 вработени и армијата пензионери

Во моментов во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се заведени околу 295.000 пензионери, кои што земаат во просек 12.000 денари месечно. И тие редовно добиваат покачувања. ФПИОМ повеќе години наназад, за да ги исплати пензиите, покрај парите што ги собира преку придонесите, добива уште 40 проценти од своите потреби директно од буџетот на Владата.

Дефицитот на Фондот за ПИОМ, од 2006 година до денес, е зголемен скоро за 2,5 пати, вели поранешната директорка на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) Олга Михајлова Тикваровска. Според неа, јасно е дека со оваа мерка Владата се труди да пополни дел од дефицитот на фондовите (ФПИОМ и ФЗО).

„Оваа година Владата на Фондот му префрла над 370 милиони евра, средства што се обезбедуваат од државниот буџет“, вели Михајлова Тикваровска.

Но, таа се сомнева дека мерката ќе ги даде очекуваните резултати. Нејзината груба пресметка вели дека со наплатата на придонесите од хонорарите во буџетот би се слеале вкупно околу 50 милиони евра. Таа не очекува да се приберат повеќе пари од придонеси како резултат на нови вработувања или повисоки плати.

Олга Михајлова Тикваровска: Ќе се приберат најмногу околу 50 милиони евра, но тоа нема да биде поради нови вработувања или повисоки плати | Фото: mchamber.mk

Колку пари ќе се соберат

Според проекциите на Министерството за финансии за следната година, се очекува од даноци и придонеси заедно да се слеат во буџетот вкупно околу 2,2 милијарди евра. Споредено со буџетот за оваа 2014 година, тоа е за 102,7 милиони евра повеќе. Толку очекува државата дополнителни приходи следната година од даноци, вклучувајќи ги и придонесите.

Ако се анализираат овие податоци ќе се види дека најголем дел овие 102,7 милиони евра разлика, Владата очекува да ги прибере токму од придонесите. Со годинешниот буџет, како придонеси се очекуваат 727 милиони евра, а со буџетот за следната 2015 година 795 милиони евра. Тоа значи дека следната година се очекува граѓаните да платат 68 милиони евра повеќе од годинава само по основ на придонеси.

Но, факт е дека пресметките и плановите се едно, а реалноста е друго. Финансиската дисциплина во последните пет-шест години е навистина зголемена, но прашање е колку ќе се зголеми даночната евазија при зголемување од најмалку 25 отсто или една четвртина од примањата.

Затскриено зголемување на даноците

Петар Гошев: Во иднина власта сама ќе си ја поткопа доктрината за ниски даноци | Фото: Роберт Атанасовски

Недостатокот на пари во буџетот Владата се обидува да го реши со индиректно зголемување на даноците, смета поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев.

„Воведуваат нови мерки за оданочување, потоа ги зголемуваат основиците за пресметка, воведуваат нови казни, наплаќаат придонеси за хонорари и слично. Всушност, тие се во потрага по нови извори за раст на буџетските средства кои се прибираат“, вели Гошев.

Тој дури предвидува дека, како што тргнала власта, „во натамошниот период самите ќе мора да си ја поткопаат доктрината за ниски даноци и да ги зголемат давачките бидејќи нема да можат да издржат“.

„Кога ќе дојде до тоа, не може да се каже точно“, вели Гошев, но додава дека дефинитивно политиката на рамни даноци и истовремено зголемување на дефицитот на буџетот е неодржлива на подолг период.


            comments powered by Disqus

Поврзано

Релевантни документи

Процедура за прием во задолжително социјално осигурување и плаќање придонеси за лица кои склучиле договор на дело и/или авторски договор

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се