Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
28. сеп. 15.

ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 1: Обвинувања и одбрана

Борис Георгиевски

БИРН во неколку продолженија ги пренесува резултатите од истражувањето на обемниот доказен материјал кој е дел од постапката што пред судот во Њујорк се води против поранешните водечки луѓе на Маѓар телеком обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија. Јавно достапните документи фрлаат нова светлина на процесот на приватизацијата на Македонски Телекомуникации и на случувањата кои му претходеле.

БИРН во неколку продолженија ги пренесува резултатите од истражувањето на обемниот доказен материјал кој е дел од постапката што пред судот во Њујорк се води против поранешните водечки луѓе на Маѓар телеком

Стотици документи, сведоштва, лични и официјални преписки, транскрипти од службени седници, стенограми и тајни документи се дел од доказниот материјал во процесот кој пред Окружниот суд во Њујорк се води против поранешните водечки луѓе на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи. Тие се обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија во периодот од 2004 до 2006 година.

Случајот е продолжение на процесот кој Американската комисија за хартии од вредност (СЕК) го водеше против Дојче Телеком и неговата ќерка-фирма Маѓар Телеком под истите обвинувања - за поткуп на државни функционери во Македонија и Црна Гора со цел добивање на повластена позиција на пазарот.

Тој случај заврши со спогодба, откако Дојче Телеком и Маѓар Телеком се согласија да платат казна од околу 95 милиони долари во замена за прекин на постапката. Во истиот период кога заврши постапката за двете компании - декември 2011, американската комисија го покрена процесот за лична одговорност против тројцата функционери во унгарската фирма.

Целиот случај деновиве доби нови димензии во Македонија, откако беше објавено сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоески.

Споредбата на доказниот материјал со сведочењето на Богоески потврдува дел од тврдењата, и поважно, дава прецизна слика за тоа како се одвивале преговорите и кој сѐ учествувал во нив. Дополнително, се фрла нова светлина и на процесот на приватизацијата на Македонски Телекомуникации во 2001 година, и дел од случувањата кои му претходеле.

Судскиот процес е далеку од завршен, а многу важни документи веројатно ќе бидат откриени дури по завршувањето на постапката, во прв ред клучните сведочења. Документите кои ги објавуваме се дел од судската постапка како доказен материјал, добиени се по легален пат, и тие се достапни за пошироката јавност без ограничувања.

Обвинение и одбрана

На почетокот од 2005 година македонскиот парламент донесе нов Закон за електронски комуникации кој бил неповолен за Маѓар Телеком | Фото: Threecharlie wikimedia commons

Во судскиот процес кој се води во Њујорк, СЕК се јавува како обвинител на тројцата менаџери на Маѓар Телеком.

СЕК смета дека во 2005 и 2006 година, обвинетите, поранешни функционери во унгарската телекомуникациска компанија Маѓар Телеком, се ангажирале во шема за подмитување на владини функционери во Македонија. СЕК смета дека доказите за време на судењето ќе го докажат следново:

„На почетокот од 2005 година македонскиот парламент донесе нов Закон за електронски комуникации со кој се либерализира телекомуникацискиот пазар на начин кој бил неповолен за Маѓар Телеком. Законот им овозможува на телекомуникациските регулаторни тела во Македонија да објават тендер за лиценца за трет мобилен оператор. Страната која ќе ја добие лиценцата би станала директен конкурент на Македонски Телекомуникации АД (МакТел), фирмата ќерка на Маѓар Телеком во Македонија. Законот исто така ја зголеми цената на фреквенциите и наметна други регулаторни пречки за МакТел“.

Во обвинението се наведува и дека „на почетокот од март 2005 година, обвинетите изработиле шема за подмитување на владините функционери од обете политички партии во македонската коалициска влада со цел да ги поништат или намалат ефектите од новиот закон. Унапредувајќи ја шемата, обвинетите, во соработка со грчки посредници, испреговарале таен договор под наслов ‘Протокол за соработка’ со високи македонски владини функционери.

Протоколот предвидува дека македонските функционери ќе обезбедат одложување или спречување на издавањето на лиценца за трет мобилен оператор. Функционерите исто така се обврзуваат да ги намалат цените на фреквенциите за МакТел и ќе му дозволат на МакТел да ги диктира условите за имплементација на регулативата (преку подзаконски акти) која ќе биде подведена под нов закон. Во замена за овие поволности, Владата на Македонија ќе добие околу половината од 95 милиони евра дивиденда во рамките на својот удел во МакТел, а на македонските функционери ќе им биде исплатена неодредена сума мито“.

Новиот закон ја зголеми цената на фреквенциите | Фото: Wikimedia Commons Zoidy

СЕК тврди, врз основа на документите во доказниот материјал дека „Во меѓусебната комуникација, обвинетите дискутираат за потребата да се исплати мито во висина од 10 милиони евра на три рати. Митото ќе им се исплати на функционери во обете партии од македонската владејачка коалиција. Обвинетите дискутираат за потребата да се уреди тајмингот на исплатата со цел да се обезбеди дека функционерите нема да ги добијат парите сѐ додека подзаконските акти кои ги бара МакТел не бидат усвоени.

Обвинетите исто така дискутираат и за потребата да добијат потврда од владините функционери дека поткупот е примен. Со цел да ја уредат „логистиката“ на поткупот, обвинетите се сложиле да преземат серија лажни „консултантски“ и „маркетинг“ договори преку кои ќе биде извршена исплатата. Грчките посредници најпрво предложиле користење на офшор компании со седиште во Кипар како примарни партнери за лажните договори. Но, кога им станало јасно на обвинетите дека на кипарските фирми им недостасува дури и валиден корпоративен углед, тие одлучиле да искористат друга фирма - Чаптекс која била во сопственост на грчките посредници.

Пред да биде откриена измамата, обвинетите одобриле исплата на 4,875 милиони евра како поткуп за македонските функционери преку договорите со Чаптекс.

Дел од лажните договори биле пријавени како ретроактивни договори базирани врз постигнат успех во кои настаните кои придонесувале за зголемување на исплатата (како што е намалувањето на цената на фреквенциите или усвојувањето на подзаконските акти) веќе биле случени.

Исплатите во лажните договори биле структурирани така за да останат под сумата за која требало да се бара одобрениеод Бордот. Дел од договорите биле изготвени од име на неоперативна холдинг компанија која била во процес на ликвидација.

На почетокот на 2006 година кога Маѓар Телеком започна интерна истрага за други сомнителни договори, двајца од обвинетите инсталирале програмата за бришење на софтвер на нивните компјутери, во обид да ги избришат сите докази за шемата за поткуп во Македонија“, се наведува во обвинението.

Насловна страна на обвинението на СЕК

Одбраната ги отфрла ваквите тврдења на СЕК и тврди дека договорите кои се предмет на спорот не се поткуп туку компензација:

„Обвинетите ги отфрлаат тврдењата на тужбата и негираат дека учествувале во шема за коруптивни исплати на македонски владини функционери, дека воделе неадекватно или лажно книговодство, дека фалсификувале документи и евиденција или дека им давале лажни или погрешни изјави на сметководители или контролори.

Обвинетите тврдат дека немало подмитување на македонски функционери, дека обвинувањата на СЕК се базираат на шпекулации и извртување на значењето на документи, дека СЕК нема ниту еден сведок кој ќе потврди дека бил платен поткуп, дека Протоколот за соработка е валиден меморандум за разбирање меѓу двајцата акционери во МакТел- Македонската влада и Маѓар Телеком- кој се однесува на испреговарани бизнис и политички компромиси и на легитимни исплати, финансиски инвестиции, гласање на македонските телекомуникациски закони и прашања од работните односи.

Понатаму, одбраната тврди дека некогашниот акционер во МакТел била многу почитуваната грчка телекомуникациска компанија Космотелко која имала значајни познавања за телефонскиот бизнис во Македонија, и откако Космотелко го продал својот удел во МакТел во 2004, го употребил своето големо искуство и знаење за МакТел за да му пружи лобистички и консултантски услуги преку својата ќерка фирма - Чаптекс, чии услуги биле од клучно значење за успехот на МакТел.

Консултантските и лобистичките договори со Чаптекс биле легитимни договори за потребни услуги во врска со македонскиот Закон за телекомуникации, потребното намалување на цените на фреквенциите, македонскиот Закон за работни односи и други прашања, и дека парите кои биле исплатени за овие услуги не биле поткуп за македонските функционери туку компензација за добиените услуги.

Што се однесува до тврдењата на СЕК дека обвинетите договарале поткуп од 10 милиони евра, одбраната тврди дека „ тоа биле средства кои во три рати требало да ѝ бидат платени на Македонската влада за користењето на фреквенциите“.

Сведоци од Македонија

На првично објавената листа на сведоци, името на експремиерот Владо Бучковски не е наведено, иако тој сам потврди дека сведочел во 2014 година | Фото: БИРН

На конечната листа на сведоци од Македонија за кои Окружниот суд од Њујорк испратил барање до правниот сектор на македонското Министерство за надворешни работи се наоѓаат осум лица. Од првично објавената листа недостасува името на поранешниот премиер Владо Бучковски, но тој самиот неодамна за „Утрински весник“ потврди дека сведочел пред американските истражни органи во 2014 година.

Сите именувани личности се повикани како сведоци на судењето и тие не се сметаат за осомничени ниту обвинети во постапката. Во прилог на ова говори и случајот на поранешниот претседател на Бордот на МакТел, Дејан Мицковиќ. По сведочењето во САД, Мицковиќ добил благодарница од американскиот СЕК во која се потенцира дека „неговото сведочење било единствено во функција на фактички сведок, а не како обвинет или осомничен“.

„Потврдувам дека СЕК не наишла на никаков доказ во рамките на нашата истрага за Маѓар Телеком и АД Македонски Телекомуникации, дека сте биле вмешани во какво било незаконско работење за време на вашиот мандат како Претседател на Бордот на МакТел. Напротив, вашата соработка за време на истрагата беше од голема помош за откривање на илегалните активности на други лица“, се наведува во писмото до Мицковиќ кое го потпишал раководителот со истрагата во СЕК, Роберт Доџ.

Дополнително, и самиот Протокол за соработка кој го потпишуваат тогашниот премиер Бучковски и министерот за транспорт Мехази од една и првиот менаџер на Маѓар Телеком, Елек Штрауб,од друга страна, не е спорен како договор кој ги регулира односите меѓу двете страни. Потврда за тоа е и фактот што луѓето кои директно учествувале во неговата подготовка од македонска страна не се обвинети, туку се повикани како сведоци на судењето.

Протоколот за соработка кој го поседувал само Димитрис Кондоминас

Меѓутоа, обвинението се потпира врз сомнежот дека всушност Протоколот за соработка е само параван, а мотивот за реализација на обврските кои се наведени во него, всушност, се резултат на корупција и поткуп.

Протоколот за соработка според СЕК е клучен , бидејќи „тој е ‘круната’ на обидите на ‘Маѓар Телеком’ да ги реализира своите интереси во Македонија“.

За македонската јавност, пак, клучниот документ е „Нон пејперот“ во кој прецизно се регулираат и обврските и сумите за исплата, и лицата од врвот на македонската политика кои треба да ги добијат.

Што се однесува на сведоците прв на листата е Димитар Бузлевски, поранешен министер за транспорт и врски и некогашен висок функционер на СДСМ. Судот наведува дека бара сведочење од Бузлевски затоа што во тој период работел како „лобист/консултант“ за МакТел и помогнал во склучувањето на Протоколот за соработка.

СЕК обвинува дека поранешни функционери во Маѓар Телеком учествувале во шема за поткупување владини функционери во Македонија | Фото: БИРН

Бузлевски деновиве за медиумите изјави дека не добил покана да сведочи. „Никогаш не сум имал позиција во ’Телеком‘ според која би можел да имам сознанија за случајот“, рече на почетокот од септемви Бузлевски за „Утрински весник“. Во 2012 година, кога „аферата Телеком“ ја актуелизира новото раководство на СДСМ, Бузлевски тврдеше дека „во 2005 и 2006 година бил градоначалник на Ресен и немал никакви контакти со Телеком“.

Во 2003 година, тогашниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ и поранешен директор на Македонски Телекомуникации, Ден Дончев на прес-конференција тврдеше дека Бузлевски е на платниот список на МакТел и дека “како консултант зема плата од 5.000 евра“.

„Бузлевски во Телекомот нема никаква функција во управните органи туку е врската помеѓу двајцата сопственици, односно помеѓу Владата и конзорциумот ‘Матав‘“, тврдеше Дончев.

Втор на листата е поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски.

„Црвенковски веројатно присуствувал на состаноци со Маѓар Телеком, Космотелко и македонскиот премиер во однос на преговорите за Протоколот за соработка“, се наведува во барањето. И кабинетот на Црвенковски тврди дека тој не сведочел за случајот.

Понатаму, од поранешниот директор на Бордот на МакТел, Борче Давитковски се бара сведочење за „влијателната улога на Чаптекс во регулаторните проблеми кои се опфатени со Протоколот за соработка“.

За поранешниот директор за продажба на МакТел, Огнен Фирфов, Судот претпоставува дека „има сознанија за сервисниот договор од 2006 година помеѓу МакТел и Космотелко, како и за договорот од истата година помеѓу МакТел и Нетфон. За истите прашања се бараат одговори и од Лазо Јовески, поранешен директор во МакТел.

Следен на листата е поранешниот претседател на Бордот на директори на МакТел, Дејан Мицковиќ кој „преговарал за Протоколот од името на Македонската влада“.

Тој за своето сведочење кое се уште не е јавно достапно одбива да коментира за медиумите. Меѓутоа од документите на истрагата јасно е видливо дека бил под постојани закани и силни притисоци во Македонија, за да не сведочи за случајот. Од истите материјали произлегува впечатокот дека и други сведоци минувале низ слични проблеми.

Освен Мицковиќ кој, според Судот, бил вмешан во преговорите за Протоколот со исто својство за сведок е повикан и Јован Пејковски, поранешен државен советник на македонскиот премиер.

Последно на листата на сведоци е името на Дејан Силјановски, поранешен извршен директор на регулаторното тело на МакТел. „Силјановски ја познавал регулативата во Македонија и ги знаел потребите за лобирање на МакТел во 2005 и 2006 година.“

Продолжува...

Во следниот дел ќе читате: Како „преку ноќ“ се смени Законот за либерализација на пазарот за електронски комуникации? Како првите луѓе на Маѓар телеком во Македонија кои цела година лобирале за закон во нивна полза останаа вчудоневидени прашувајќи се „што навистина се случи и зошто“?


            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се