Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
29. мај. 15.

Дали и Јоханес Хан е дил ориентед?

Катерина Блажевска

Која е „средината“ која комесарот Хан би можел компромисно да ја издејствува од еден архитект на илиберален систем, а со која би се согласиле и од оние од другата страна на преговарачката маса, кои бараат целосна промена на тој деформиран систем?

Сегашното ниво на европско медијаторство („тројката“ плус Хан) и нивниот политички опортунизам кој се самооправдува со барање симетричен компромис за излез од кризата, е на најдобар пат да го претвори ова медијаторско друштво во „нова страна“ во кризата.

Инсистирањето на универзалната формула за компромис, кога двете страни доволно ќе отстапат од своите позиции за да се најдат некаде на средина, притоа идентично незадоволни од отстапките што ги направиле, не може да се примени во специфичниот случај на македонската политичка криза.

Не заради тоа што на едната страна е непопустливата „легитимна власт“ на Груевски, а на другата - непопустливата политичка и сеграѓанска опозиција, туку затоа што инсистирањето на таков компромис води исклучиво кон длабока компромитација токму на европските стандарди и вредности и кон градење слаба држава.

Зошто ЕУ инсистира на независна истрага и судска постапка за сознанијата што произлегоа од незаконското прислушкување? Затоа што во нив е изложена целата анатомија на институционалното разградување на државниот организам, на метастазите во владеењето на правото, на вградените „стентови“ кои го насочуваат гласачкиот крвоток исклучиво кон десната преткомора и купишта „диво месо“ во сите други општествени ткива.

Тaа слика е во целосна спротивност од она што го предвидуваат Kопенхашките критериуми, а кои на македонската рентген снимка или ги нема, или ги има во рудиментирана форма.

Имајќи го тоа предвид, зошто би било политички оправдано и коректно, Никола Груевски, кој е изведувач и творец на ваквата државна „карабина“, да биде третиран како конструктивен елемент во санирањето на сите лоши и компромитирани политики, кои истиот Груевски ги градел и востоличил во последните девет години?

Според „логиката“ на тој симетричен компромис, во случајов, Груевски би требало да се согласи дека нема да ги партизира институциите 100 отсто како досега, туку „само“ 50 отсто. Тоа е исто како да сте соочени со човек што создал дивоградба и одбива да го спроведе законското решение за нејзино уривање, а вие инсистирате на компромис и преговарате тој да урне барем еден од двата ката, за да се најдете некаде на „средина“ со законот?

Тоа во моментов се случува во практика и на масата во Скопје и на масата во Стразбур. Апсурдот е во тоа што токму медијаторската група на ЕУ, не низ формално, туку низ суштинско егализирање на двете страни во разговорите, создава потенцијал за нови недоразбирања и станува трета страна во кризата.

Со тоа, и таа група директно ги дерогира фундаменталните приципи врз кои се темалат европските вредности, а до кои Македонија не може да дојде преку парцијални потези, туку преку коренити промени и поставување на нови институционални основи.

Груевски со својот минат труд никако не може да биде ни егалитарен, ни потенцијален соговорник на таа тема. Нему независните институциите му пречат, бидејќи политички го загрозуваат неговиот неограничен и несанкциониран волунтаризам. Тој нема институционална способност да ги интегрира сите поединци како меѓусебно еднакви граѓани.

Со алатките на деспотско политичко управување континуирано ја минира можноста за изградба на стабилно и просперитетно функционирање на општествениот систем и по хоризонтала и по вертикала. Тоталитарното преклопување на државата и партијата е негов заштитен знак, бренд нејм на неговата владејачка деценија.

Затоа прашувам: која е очекуваната „средина“ која комесарот Хан би можел да ја издејствува од еден архитект на ваков илиберален систем, а со која би се согласиле и од оние од другата страна на преговарачката маса, кои бараат целосна промена на таквиот деформиран систем?

Нема таква средина. Ако некој ви тврди дека има, тоа значи дека бара да правите компромис со сите причини кои доведоа до кризата.

Груевски на тие преговори може да има друга улога. Да учествува во договарање на модалитетите со кои оваа власт меко ќе се приземји и ќе го препушти кокпитот, не на СДСМ, туку на преодна влада составена од експерти со точно прецизиран мандат, влада која треба да обезбеди фер услови за нови избори, а која дотогаш ќе ја има најтешката задача: да ги ресетира клучните сфери и да го исчисти институционалниот харддиск од сите претходни вируси.

Тоа е единствениот и најконструктивен придонес што премиерот може и мора да го даде, ако е загрижен за иднината на Македонија барем еден отсто во споредба со грижата за иднината на неговата фамилија.

Во таа насока, она што официјален Брисел мора да го разбере, е дека на Македонија и е потребна искрена посредничка помош. Под искрена, засега не може да се смета десничарското солирање и солидаризирање на комесарот Јоханес Хан со претставниците на македонската десница кои ги искомпромитираа европските вредности и ги загрозија европските перспективи на земјата.

Се додека неговото медијаторство се операционализира низ призмата на десничарско толкување и навигирање на процесите, тој се рефлектира како дил ориентед, што би рекол Груевски. Но, дил ориентед во една пазарџиска, непримерна, политички дефинирана и лимитирана, а не независна и неутрална позиција.

Затоа Брисел мора да покаже дали има волја да испрати медијатор или посредник кој ќе биде дел од решението, а не дел од интензивирањето на проблемот.

Македонија има само една перспектива - пат за излез од диктатот на еднопартиската држава. Се друго е враќање на старите шини, во општество без легитимациски столбови за функционална и институционална демократија.

Но, поради претходно наведените причини, сегашниот процес на разговори со ЕУ е испразнат од очекуваната супстанцијалност и надеж за исчекор. За да му се обезбеди кредибилитет на тој процес, мора да се обезбеди состав кој ќе гарантира дека на таа маса нема да биде егализирана, туку минимизирана улогата и условите што ги поставуваат оние кои земјата ја доведа до криза.

Затоа, симетричен компромис не е можен. На случајот со Македонија и ЕУ ќе го полага својот екстерен испит. Ќе се покаже дали Брисел е дил ориентед во една пежоративна смисла, преку медијаторство кое наместо да ги исправа ги зацврстува проблемите и станува содружник во една ретроградна политика, или е искрено подготвен за преговори и приврзаник на критериумски и вредносен контрапункт на се што доведе до кризата. Друг избор нема.

Хик Македонија, хик салта!

Колумни од истиот автор

12 август 2016

До гледање до следната поплава

Кога поплавата ќе открие кои и какви полуписмени кадри раководат со институции поврзани со превентива и заштита од непогоди, луѓето сфаќаат дека изгубиле нешто многу поголемо и од куќите и од нивите. Дека е изгубена државата.

5 август 2016

(Не)лиценцирани терористи

Откако земјата е доведена во катастрофални општествени прилики и економски состојби, терористите со кои нѐ плаши Иванов, сметам дека овде не би имале никаков реален предизвик. Освен чувство на силна домашна конкуренција, која веќе ја завршила работата.

22 јули 2016

Договорот како бркање на Покемон

Политичкиот динамизам и неговата ефикасност многу брзо ќе покажат дали договорот за инстант- политичка „стабилизација“ e реалност или нова фарса, поголема и од бркање на владејачкиот Покемон низ виртуелните пржински лавиринти.


            comments powered by Disqus

Поврзано

Нема поврзани содржини