Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
10. окт. 14.

Граѓани плачат во УЈП поради блокирани сметки за МРТВ

Мери Јордановска Призма

Средовечна жена која веќе ги платила сметките за радиодифузна такса (РДТ), плаче во Управата за јавни приходи, додека вработената службеничка пуши цигара. УЈП ја префрла вината кај МРТВ и нивниот регистар на обврзници

Погоре е видеото што ни го испрати наш читател, снимено меѓу турканиците во УЈП, на кое ликовите се заматени за да се заштити приватноста.

Со вакви ситуации секојдневно се соочуваат огромен број граѓани, на кои трансакциските сметки со денови им се блокирани, иако веќе ја платиле таксата.

Граѓанин кој уште пред два месеци ги платил сметките, сведочи за патешествието што го поминал во Управата за јавни приходи.

„Поради ненавремено доставувани месечни сметки за РДТ ми беше испратена опомена за неплатени 10 сметки. Дента кога ми стигна, на 5 август 2014 година, веднаш ги платив. Се изненадив кога по месец и половина ми стигна решение од УЈП за присилна наплата. Деновиве ми ја блокираа и сметката! Отидов на шалтер во УЈП за да им кажам дека веќе сум платил. Ме препратија во една просторија каде што чекаа десетици граѓани. Сите го имаа истиот проблем – не им биле ажурирани уплатите и затоа им биле блокирани трансакциските сметки“, раскажува граѓанин на кој четири дена му била блокирана сметката.

Како капак на сè, од сметката му биле одземени 80 денари за деблокирање.

Сметката за РДТ иако е платена во август, решението за присилна наплата стигнува по месец и половина

Од УЈП признаваат дека се соочуваат со проблеми при ажурирањето на системот за тоа кој ја платил радио дифузната такса. Најчестите проблеми на граѓаните, велат од УЈП, произлегуваат од двојното задолжување со РДТ на повеќе членови во семејството, што е резултат на состојбите во регистарот на обврзници кој се води во МРТВ.

„Сите овие состојби доведуваат до неможност да се идентификуваат уплатите извршени од обврзниците односно неможност истите да се книжат во УЈП. За надминување на состојбите УЈП е во постојана комуникација и навремено ја известува МРТВ со цел да се преземат мерки од нивна страна за ажурирање на регистарот“, велат од УЈП.

Управата има доставено 27.014 решенија за присилна наплата на РДТ за физички лица за неплатен долг од над 49 милиони денари. Станува збор за граѓани кои не извршиле плаќање на РДТ од три месеци до една година.

„И покрај постојаните апели на УЈП во изминатите четири месеци преку средствата за јавно информирање, како и доставените 100.000 опомени до граѓаните, 27 илјади граѓани сепак не извршиле навремено плаќање на заостанатиот долг, поради што УЈП во рамките на своите надлежности за обезбедување на наплатата по основ на РДТ изврши присилна наплата на долговите“, велат од Управата.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се