Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
11. мај. 15.

„Бомбите“ продолжуваат, кризата се продлабочува

Владо Апостолов Призма

Власта суптилно ја насочува кумановската трагедија кон активностите на опозицијата, медиумите ја прифаќаат игра, додека СДСМ не планира да се откаже од „бомбите“ и од протестот на 17 мај.

Протестот на 17. мај останува

Во зовриена атмосфера, кога уште се бараат одговори на основни прашања, зошто се случи акцијата во Куманово и кои се барањата на терористите кои биле стационирани таму, опозициската СДСМ не планира да се откаже од протестот на 17 мај и од објавување на „бомбите“.

„Протестот на 17 мај останува, а кои докази ќе ги споделуваме со јавноста ќе одлучиме денеска. Но, докази пред јавноста ќе има до митингот на 17-ти, секако“, велат за БИРН извори од партијата. Очекувањата се дека поради случувањата и кревката меѓуетничка кохезија, СДСМ да се откаже од најавената „бомба“ за убиствата во Смилковско, но тоа засега никој не го потврдува.

Активизмот инициран со снимките на разговорите на власта околу убиството на Мартин Нешкоски, по серијата демонстрации. преминува во посериозно движење кое планира нови акции, мировни маршеви и барања оставки.

Пред зградата на Министерството за образование сè уште кампуваат незадоволните средношколци и велат дека ќе го продолжат протестот, а од отпорот не се откажуваат и од Студентскиот пленум, особено откако двајца нивни членови се уапсени и се во притвор.

Дали ова што се случува во Куманово има некаква поврзаност со актуелната политичка ситуација?, ја праша министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на прес-конференцијата доцна вечерта во саботата, новинар на Сител, додека сè уште траеше полициската акција во кумановско Диво Насеље.

Министерката се воздржа во одговорот, рече дека ситуацијата е премногу сериозна за некој да ја користи за дневно политички поени, но излезе дека единственo таа си го гризна јазикот.

Принтскрин на текстот од „Курир“

Јанкулоска уверуваше дека не можела да го одложи нападот, ситуацијата ќе ескалирала, а нејзиниот портпарол Иво Котевски беше малку поконкретен. Рече дека терористите ќе напаѓале во средината на мај и тоа беше доволно некои медиуми да кажат дека хоророт требало да стартува на 17 мај во недела, денот за кој е закажан големиот протест под водство на опозициската СДСМ.

Очекувано, идејата да се поврзе акцијата во Диво Насеље и смртта на осумте полицајци со „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најексплицитно се промовираше на социјалните мрежи преку една иста порака што ја споделуваа дури и јавни личности.

„За пет дена терористите од Косово и соросоидите од СДСМ ранија и повредија повеќе од 70 полицајци. Врз нападот на Владата имаше повредено 38 полицајци. Врз истата владина зграда терористите изминативе два месеца два пати пукаа со гранати, а соросоидите со камења и со бекатони“, стои во пораката која дел од „активистите“ по грешка ја постираа на Фејсбук и со инструкциите за објавување.

Фејсбук статус којшто организирано се споделуваше

На сето ова може да се додадат и коментарите во дел од медиумите со кои првиот човек на фондацијата „Сорос“, Владимир Милчин, се обвинува дека стои зад протестите за Мартин Нешкоски, кои наводно требале „да ја ослабат одбранбената моќ на Македонија“ пред да се случи Кумановскиот фронт.

Други портали беа кабает дека ја минирале полициската акција со информацијата дека се пренесуваат гумени куршуми за полицајците пред владината зграда.

Претходо насловните страници на весниците предупредува дека опозицијата на 17 мај ќе предизвика украинско сценарио под палката на Западот поради геостратешките цели на НАТО и на Американците.

А во таа насока оди и изјавата на претседателот Ѓорге Иванов, кој по Советот за безбедност се пожали дека 17 служби од земјите на НАТО и на ЕУ не помогнале да се неутрализира терористичката група од Куманово. Ваквата изјава дополнително го подгрева апетитот на љубителите на теории на заговор и заговорниците на тезата за некакво намерно поттикнување дестабилизација од страна на западните земји.

Иако повикуваше на смирување на страстите и го пофали опозицискиот градоначалник на Куманово, сепак, премиерот Никола Груевски во своето обраќање не додржа да им порача на одредени политичари и на некои, според него, таканаречените новинари, дека дејствуваат кукавички и оти „со нив ќе се занимава во некое друго време“.

Многу посуптилно и поглаварот на Македонската православна црква (МПЦ), Господин Господин Стефан, Куманово го поврза со лични и со партиски интереси.

„Вчерашните случувања во Куманово потврдија дека кога ќе заборавиме на обврските кон државата и кон народот и кога партиските и личните интереси ни се поважни, поинаку и не може да биде“, изјави владиката.

Од своја страна лидерот на СДСМ денеска во интервју за ТВ Алсат-М возврати со сериозно обвинување дека власта имала сознанија за движење на терористичката група разбиена во Куманово, уште од септември 2013 година, посочувајќи дека одговорните не презеле никакви чекори за да спречат нивно влегување во Македонија и вооружување.

Ваквите изјави и воинствена реторика на меѓусебно обвинување дополнително го продлабочија јазот па сите повици за смирување и соработка кои декларативно се изговараат од домашните, а веројатно искрено, од меѓународните политичари делуваат празни и бесмислени, па излезот од политичката, а сега и безбедносна и општествена криза се чини мошне далеку .

            comments powered by Disqus

Поврзано

Бидете во контакт

Новинари

Вмрежи се! Регистрирај се во базата на новинари, биди дел од професионалната заедница и добиј пристап до најновите настани и публикации од граѓанскиот сектор.

Регистрирај се