Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
1 јуни 2015 /мк/file/show/Images/Блогери/blog branimir jovanovic.jpg

Шест решенија за македонската економија

Бранимир Јовановиќ

Во економијата нема волшебни стапчиња кои можат да ги сменат работите одеднаш. Но, може да има столбови. Столбови, на кои ќе се базираат економските политики. Еве ги столбовите на кои треба да се базираат економските политики во Македонија по кризата.

Решение број 1 – Воведување гарантиран минимален приход

180.000 лица во Македонија живеат со помалку од 40 денари на ден. Затоа што социјалната парична помош за четиричлено семејство изнесува 5.200 денари месечно, што е отприлика 40 денари на ден по човек. Можете ли да замислите како изгледа да се живее со толку малку пари? Отприлика, можете да си дозволите само за еден леб и за пола литар млеко. Не можете да си ги задоволите ни најосновните животни потреби. Не можете да се облечете пристојно, ни да одржувате лична хигиена, поради што никој нема ни да сака да ве вработи. Не можете ни да ги пратите децата на училиште, па и тие ќе имаат иста судбина како вас. Тоа економистите прилично студено го нарекуваат „маѓепсаниот круг на сиромаштијата“.

Фото: Ирена Мила

Затоа е неопходно да се зголеми социјалната помош. Всушност, потребно е да се воведе политика на гарантиран минимален приход по семејство. Со оваа политика, на секое семејство кое остварува приходи пониски од гарантираното ниво, ќе му се доплаќа разликата помеѓу гарантираното ниво и приходот кое семејството го остварува. На пример, ако гарантираното ниво е 10.000 денари, а приходите на семејството се 4.000, државата ќе му доплаќа на семејството дополнителни 6.000 денари.

Оваа политика би била замена за дел од сегашните форми на социјална помош, кои се и ниски, и лошо таргетирани (за лошата таргетираност, најдобра илустрација е фактот што најбогатите 10% од семејствата добиваат речиси исти приходи од социјално осигурување како и најсиромашните 10%). Гарантираното ниво би зависело од бројот на членови во семејството и од тоа дали семејството поседува свое живеалиште, а би било поставено на ниво што ќе им овозможи на семејствата да ги задоволат своите најосновни потреби. Отприлика, би било блиско до сегашната линија на релативна сиромаштија, која е еднаква на 60% од средниот еквивалентен приход. Или, за самечко семејство, тоа би било околу 6.000 денари месечно, а за четиричлено семејство со две деца, околу 12.000.

Исплаќањето на ваквата социјална помош би требало да се врзе со некои социјални исходи, како задолжително посетување на училиште од страна на децата, непитачење, неодбивање на извршување на општествено корисна работа од страна на родителите...

Која би била користа од оваа мерка? Како прво, економскиот раст на краток рок ќе се зголеми, зашто посиромашните граѓани ќе имаат повеќе пари и повеќе и ќе трошат. Второ, економскиот раст и на долг рок ќе порасне, зашто веќе нема да се губи човечки талент заради сиромаштијата. Трето, заради општествено-корисната работа ќе се подобри инфраструктурата и ќе се обезбеди јавен сервис, поради што исто така ќе се зголеми економскиот раст.

Решение број 2 – Воведување прогресивни даноци

Постојниот даночен систем во Македонија е крајно нефер. Работникот што заработува минимална плата од 14.000 денари бруто, на државата ѝ плаќа 32% од својот доход, додека менаџерот што ја заработувал највисоката плата во 2012 година од 85.000 евра бруто, на државата ѝ платил само 11% од доходот.

Во Германија, работник што би заработувал 230 евра би платил 20% давачки, а менаџер со 85.000 евра плата, би платил 47%.

Фото: Роберт Атанасовски

Ваков даночен систем треба да се воспостави и во Македонија. Систем со кој вкупниот даночен товар нема многу да се зголеми, но ќе се намали кај оние кои заработуваат помалку, а ќе се зголеми кај оние кои заработуваат повеќе. Не затоа што е така во Германија, туку затоа што така е фер и економски оправдано.

Зошто е тоа фер и економски оправдано? Затоа што даноците се цената што луѓето ја плаќаат за јавните добра и услуги – лична безбедност, заштита на сопственост, инфраструктура, образование, здравство... Бидејќи побогатите повеќе ги користат овие услуги, логично е и цената која тие ја плаќаат да биде повисока. На пример, сиромавиот нема сопственост која треба да се заштитува, не ги користи многу автопатите кои државата ги прави, а честопати нема ни пристап до основни цивилизациски придобивки, како водовод и канализација. Богатиот, од друга страна, има и имот, а и интензивно ја користи јавната инфраструктура.

Воведувањето на прогресивното оданочување е оправдано и затоа што би имало позитивни економски ефекти. На краток рок, ваквото оданочување ќе доведе до повисок економски раст, затоа што ќе направи редистрибуција на доходот од оние кои имаат помала маргинална склоност кон трошење (побогатите), кон оние кои имаат повисока маргинална склоност кон трошење (посиромашните).

Прогресивните даноци ќе доведат до повисок раст и на среден и долг рок. Тие ќе ја намалат нееднаквоста, а добро е познато дека нееднаквоста е штетна за растот на среден и долг рок. Нееднаквоста води до финансиски кризи, ја намалува социјалната мобилност, резултира во поголем стрес и здравје, ја влошува социјалната кохезија, и заради сево ова – го намалува растот на среден и долг рок.

Од друга страна, негативните ефекти од прогресивните даноци би биле минимални. Главниот аргумент кој се пласира во јавноста против прогресивното оданочување е дека тоа ќе доведе до помали странски инвестиции или одлив на капитал, поради повисоките трошоци на работење. Но, овие тврдења воопшто не се издржани. Истражувањата покажуваат дека странските директни инвестиции во цела Источна Европа воопшто не зависат од трошоците за труд, чиј составен дел е персоналниот данок.

Решение број 3 – Зголемување на работничките права

Можеби не сме лидери во регионот во економски раст и странски директни инвестиции, но сме во една друга работа – дерегулацијата на пазарот на труд. Сите релевентни извештаи, како оние на Херитиџ фондацијата, на Фрејзер институтот и на Светскиот економски форум, тоа го потврдуваат. Така, на пример, според извештајот на Фрејзер институтот, регулираноста на пазарот на труд во Македонија изнесува околу 8, слично како и во Бугарија, споредено со 7 во Србија, Црна Гора и Босна, и 6 во Албанија, Хрватска и Словенија (повисока бројка значи помала регулираност). Ова би било супер вест, доколку малата регулираност на пазарот на труд не е еуфимизам за - недостаток на работнички права.

Освен што имаме најниски работнички права во регионот, загрижува и тоа што тие постојано се намалуваат. Така, според истиот индекс од погоре, регулацијата во 2003 изнесувала околу 5,5, во 2007 околу 7, а во 2012 веќе околу 8.

Третиот голем проблем кај работничките права е што дури ни оние права кои постојат, не се применуваат во реалноста. Познати се проблемите кои ги имаа работниците и работничките во една нова странска директна инвестиција кога сакаа да организираат штрајк, затоа што не им беа исплатени бонуси за работа за Велигден. Познато е и дека текстилните работнички и работници работат за плата од 9.000 денари, по 12 часа дневно, честопати и за викенди, постојано под притисок и мобинг, без почитување на прописите за здравје и безбедност.

Фото: Ирена Мила

Ниските работнички права и нивното непочитување имаат штетни социјални, но и економски последици. Тие вршат прераспределба на доходот од посиромашните кон побогатите, а бидејќи побогатите трошат помалку од посиромашните, со ова се намалува вкупното трошење во економијата.

Ниските работнички права ја зголемуваат доходовната нееднаквост, што понатаму значи понизок економски раст на среден и на долг рок, од причините кои беа изнесени погоре.

Постои и трет канал преку кој ниските работнички права можат да го забават економскиот раст – неактивноста на луѓето на пазарот на трудот. Познато е дека активноста во Македонија е релативно ниска – околу 55%, споредно со 60% во Германија и 64% во Шведска. Една од главните причини за ова се токму лошите работни услови. Едноставно кажано, никој не сака да биде малтретиран за 9.000 денари.

Поради сите овие причини, неопходно е да се зголемат работничките права. Двете најосновни работи кои треба да се направат се однесуваат на минималната плата и на правото на синдикално организирање.

Минималната нето плата треба да се покачи, затоа што е поставена на премногу ниско ниво. Така, минималната плата во однос на бруто националниот доход по глава на жител во Македонија изнесува околу 24%, што е повисоко од само 40 земји во светот, а пониско од околу 110. Освен што треба да се покачи, треба да се направи да биде иста за сите дејности, а не како што е сега, да е пониска за текстилната и кожарската индустрија, кои се најтрудоинтензивни и вработуваат претежно жени, заради што се креира и родова нееднаквост.

Кога станува збор за синдикалното организирање, напорите треба да бидат во насока на охрабрување на луѓето синдикално да се организираат. Првата работа што треба да се направи е да се зголемат контролите од Инспекторатот за труд, за да се осигура дека на работниците не им е ускратено правото на формирање и зачленување во синдикати. Второ, државата треба да обезбеди некаква заштита за вработените кои пријавуваат вакви проблеми. На пример, може на вработените кои останале без работа заради синдикални активности, државата да им исплаќа надоместок во висината на нивната плата за периодот додека не се реши спорот.

Решение број 4 – Зголемување на јавните инвестиции во инфраструктурата

Тоа е едно од ретките прашања по кое речиси сите економисти ќе се сложат – јавните инвестиции во инфраструктурата се најдобриот начин на кој државата може да ја стимулира домашната економија. Не случајно златното правило на јавните финансии гласи дека владата треба да се задолжува само за јавни инвестиции, не и за потрошувачка (бидејќи инвестициите сами се исплатуваат). Не случајно многу економисти веќе некое време препорачуваат дека решението за забрзување на глобалниот економски раст е низ јавни инвестиции.

Во Македонија, јавната инфраструктура е во катастрофална состојба. Во годишниот извештај на Светскиот економски форум за 2014-2015 година, квалитетот на македонските патишта е рангиран на 91. место од 144 земји во светот. Исто како Сенегал, Камбоџа и Мали. Квалитетот на железничката инфраструктура, пак, е на 86. место, како во Замбија и Танзанија. И не се само патиштата и железницата во прашање. Увезуваме струја, во ситуација кога искористеноста на речниот хидроенергетски потенцијал е само 26%. Голем дел од селата сè уште немаат водовод и канализација.

Фото: Роберт Атанасовски

По некоја основна економска логика, приносите од инвестициите би требале да бидат обратно пропорционални со нивото на капиталот. Или, поисплатливо е да се инвестира кога капиталот е редок. Затоа, инвестициите во инфраструктура во Македонија би биле многу исплатливи, бидејќи јавниот капитал е низок.

Како да се обезбедат средства за вакви крупни инфраструктурни проекти? Како што беше кажано погоре, всушност, и не е проблем доколку парите што се потребни за ова се обезбедат со задолжување, затоа што инфраструктурата со тек на време се исплатува самата. Таа го крева продуктивниот потенцијал на економијата, заради што се генерира повисока економска активност, а со тоа и повисоки приходи во буџетот.

Но, треба да се има предвид и дека дел од трошоците за инфраструктурните вложувања би можеле да се обезбедат и без големи дополнителни парични издатоци. Така, околу една третина од трошоците за инфраструктурата се трошоци за труд. Овие трошоци во голема мера веќе би биле обезбедени со воведувањето на гарантиран минимален приход, зашто тој ќе биде условен со неодбивање на работа од страна на примателите на социјална помош.

Решение број 5 – Реформа на јавниот сектор

Според податоците на Европската банка за обнова и развој, само околу 20% од македонските граѓани имаат доверба во владата, собранието и судството. Тоа е едно од најниските нивоа на доверба во институциите во Европа. Во одредена мера ова може да се припише на менталитетот на народот – македонските граѓани имаат трето најниско ниво на доверба во Европа, по Турција и Ерменија. Но, во одреден дел тоа, сепак, се должи и на општата перцепција дека дел од вработените во јавните институциите се вработени на нетранспарентен и немеритократски начин, што беше потврдено и со некои од „бомбите“.

Фото: Елена Фиданска

Сепак, не смее да се заборави една друга работа – дека Македонија има еден од најмалите јавни сектори во Европа. Jавниот сектор, кој ја опфаќа јавната администрација, но и останатите јавни услуги, како безбедност, образование, здравство и слично, во Македонија изнесува околу една третина од економијата, за разлика од Србија, Хрватска, Словенија, Германија и Шведска, каде изнесува околу една половина. Капацитетот на градинките е само околу 20% од бројот на децата. Нема доволно болници, а постојните се неопремени и страдаат од недостиг на кадар. Слично е и со училиштата и факултетите. Парковите и улиците се нечисти, а кога ќе падне снег, нема кој да го исчисти. Нема корпи за ѓубре, нема јавни тоалети. Освен Скопје, повеќето градови немаат јавен превоз, а и доколку го имаат, тој е во катастрофална состојба. Многу села немаат водовод и канализација.

Затоа, на македонскиот јавен сектор му треба темелна реформа, во насока на зголемување на неговата ефикасност и професионалност, но и негова експанзија во оние домени каде што има недостаток од јавна услуга.

Конкретно, она што треба да се направи за да се зголеми ефикасноста и професионалноста е да се воведе целосно транспарентен, објективен и меритократски систем за управување со сите вработени. Тоа би ги опфатило сите фази на кариерата – од вработувањето, преку мерење на перформансите на вработените, до наградување, промовирање и распоредување на други работни места.

Во поглед на експанзијата на јавниот сектор, неопходно е прво да се направи темелна анализа за вишокот или недостигот на кадри на постојните позиции и да се изготви список на области кои се запоставени во моментов. Потоа, да се направи план за потребите од кадри за новите области, и да се реалоцира вишокот на кадри од постојните позиции во новите области, со претходна обука и преквалификација, доколку е потребно. На крајот, за сите позиции кои ќе останат празни, да се спроведе транспарентна и објективна постапка за нови вработувања.

Решение број 6 – Државна поддршка за инвестиции

Што имаат заедничко интернетот, екранот на допир, ГПС-от, ЛЦД екранот и литиум-јонската батерија? Сите се пронајдоци кои биле поддржани од американската влада.

Многу од нашите економисти сметаат дека улогата на државата во економијата е само да ги креира правилата на игра. Затоа што не ја читале Маријана Мацукато , економистката која прави земјотрес во економската наука (сличен на оној кој го направи Тома Пикети минатата година) со нејзината теза дека државата мора да биде поактивно вклучена во економијата, особено на полето на иновациите и на инвестициите со висок ризик.

Некои ќе речат – државата не може да им всади идеи за иновации во главите на луѓето, идеите доаѓаат откако некое јаболко ќе ви падне врз главата. Но, фигуративно кажано, државата може да направи парк со јаболкници, во кој веројатноста јаболкото да ви падне врз главата ќе биде поголема.

Фото: Елена Фиданска

Иако Мацукато зборува пред сè за иновациите, нејзината порака е општа и се однесува на сите аспекти од економијата. Нејзината основна порака е, всушност, дека без директна државна помош, приватниот сектор не може да ги направи работите кои треба да ги прави.

Пораката на Мацукато е поактуелна за Македонија од која било друга земја. Тоа што во Македонија практично и нема иновации, тоа што инвестициите се ниски и тоа што невработеноста перманентно е толку висока, во ситуација кога сме лидери во регионот во економските слободи, е најдобра потврда дека приватниот сектор се покажува неспособен да ги реши крупните општествено-економски проблеми и дека државата мора поактивно да се вклучи во економијата.

Што конкретно треба да се направи? Треба да се формира државно тело за поддршка на инвестициите, кое би ги адресирало проблемите кои ги спречуваат луѓето да инвестираат. Телото би извршувало неколку функции. Првата би била обезбедување на финансиска поддршка на лицата кои сакаат да инвестираат, во замена за сопственички удел за државата. Поддршката би била или во вид на директна помош, или во вид на ослободување од даноци и придонеси. Втората функција на телото би била посредување помеѓу лицата кои имаат средства за инвестирање и лицата кои имаат идеи. Ваквото посредување обично треба да се врши преку финансискиот систем, но во Македонија ова не е случај, што се гледа во огромниот вишок на ликвидност во банкарскиот систем и во тоа што една половина од македонските фирми изјавуваат дека им треба кредит, а не аплицираат за него. Третата функција би била обезбедување на низа други услуги, како деловен простор и професионална помош.

Авторот е член на Асоцијација на економски истражувачи и Левичарското движење „Солидарност“

Блогови од истиот автор

13 јули 2016

650 милиони евра

Задолжувањето од 650 милиони евра ќе значи крај на режимот, доколку оние кои досега гледаа со резерва на протестите, конечно се разбудат и сфатат што се случува. Заспани, време е да се разбудите. Немате што да изгубите, освен вашите синџири!

15 април 2016

Спуштете ги штитовите!

Часот е 20. Денешниот протест е веќе започнат. Дали да поминеш низ него, или да одиш право дома? Изгубен си, исто колку што беше изгубен и кога те приведоа. Сè што се случи во изминатите 26 часа повторно ти поминува низ главата, во некој недефиниран калеидоскоп. Сепак, од сите тие слики, една ти се издвојува.

2 март 2016

За вампирите и банкарите

Банките во Македонија во 2015 година оствариле добивка од 76 милиони евра. Со тие пари можат да се изградат два современи клинички центра, или да се покријат половина од трошоците потребни за целосно бесплатно здравство.

            comments powered by Disqus

Поврзано

Нема поврзани содржини