Призма

Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

Ова е архивска страница на која се архивирани содржините до 17.08.2016 година.
Призма има нова страница која е достапна на следната адреса prizma.mk
9 февруари 2016 /мк/file/show/Images/Блогери/blog branimir jovanovic.jpg

Отворено писмо до Димитар Богов

Бранимир Јовановиќ

Гувернерот на една централна банка не треба да се грижи само за монетарната политика и за банкарскиот систем, туку и за општото добро, зашто тој е прво човек, а потоа гувернер.

Драг Димитар,

Вчера прочитав дека Народна банка распишала тендер од 35 милиони евра за градење на новата зграда, која треба да биде „барокна“ и да се наоѓа на просторот помеѓу Министерството за надворешни работи и Македонската опера и балет.

Знам добро дека зградата е планирана одамна. Сме зборувале за тоа и лично. Знам дека локацијата и изгледот на зградата ѝ се доделени на Народна банка од страна на Владата. Добро ми се познати и аргументите за градење нова зграда. Знам дека сега цела една дирекција работи во посебна зграда, што влијае лошо на организацискиот дух, а ја отежнува и комуникацијата и соработката меѓу вработените. Знам и дека канализацијата и климатизацијата во постојната зграда се лоши, дека покривот протекува... Впрочем, моето биро беше двапати поплавено летото 2014 година.

Но, знам и дека 14 проценти од домаќинствата во Македонија живеат во живеалишта во кои покривот протекува. Знам и дека здравството во оваа држава е најлошото во Европа, во најголема мера заради недостатокот на финансии. Знам и дека со 35 милиони евра, колку што изнесува проценетата вредност на договорот, би можел да се изгради целосно нов современ клинички центар. Во таква ситуација, градењето на зградава не би било ништо друго туку трошење на чоколада, во ситуација кога немаме леб.

Знам и дека Скопје е еден од најзагадените градови на светот, главно заради немањето доволно зелени површини во градот. За да се изгради новата зграда помеѓу Министерството за надворешни работи и Македонската опера и балет ќе треба да се уништи она малку зеленило што остана на тој простор. Дополнително ќе се пренатрупа тој простор и целосно ќе се затвори зградата на Македонската опера и балет, зграда која претставува своевиден симбол на модерно Скопје.

Конечно, со градење „барокна“ зграда на тој простор, Народна банка де факто ќе стане соучесник во проектот „Скопје 2014“, проект за кој две третини од населението во Македонија има негативно мислење, а го осудуваат веројатно сите независни архитекти во Македонија. За разлика од таа нова зграда, постојната зграда на Народна банка, проектирана од еден од најпознатите светски архитекти, Кензо Танге, е несомнено еден од најпрепознатливите архитектонски објекти во Скопје. Освен архитектонското значење, таа има и големо емотивно значење за сите нас, зашто е неизбришливо врежана во нашите срца, како симбол на солидарноста која го изгради Скопје по земјотресот.

Заради сево ова, те повикувам да го запреш тендерот за градење на новата зграда.

Гувернерот на една цетрална банка не треба да се грижи само за монетарната политика и за банкарскиот систем туку и за општото добро, зашто тој е прво човек, а потоа гувернер. Гувернерот треба да е човек кој поседува висок личен интегритет, а тоа значи - да знае да каже „НЕ“ кога ќе треба. Гувернерот треба да е разумен човек, што значи – да знае да ги ислуша аргументите и на база на нив да донесе одлука, колку и таа да е тешка.

Иако за многу работи не сме се согласувале, сепак те помнам како човек кој знае да сослуша аргументи и да каже „НЕ“. Сега е времето да се покажеш, за и другите да те помнат како таков.

Бранимир Јовановиќ,

Поранешен вработен во Народна банка

Блогови од истиот автор

13 јули 2016

650 милиони евра

Задолжувањето од 650 милиони евра ќе значи крај на режимот, доколку оние кои досега гледаа со резерва на протестите, конечно се разбудат и сфатат што се случува. Заспани, време е да се разбудите. Немате што да изгубите, освен вашите синџири!

15 април 2016

Спуштете ги штитовите!

Часот е 20. Денешниот протест е веќе започнат. Дали да поминеш низ него, или да одиш право дома? Изгубен си, исто колку што беше изгубен и кога те приведоа. Сè што се случи во изминатите 26 часа повторно ти поминува низ главата, во некој недефиниран калеидоскоп. Сепак, од сите тие слики, една ти се издвојува.

2 март 2016

За вампирите и банкарите

Банките во Македонија во 2015 година оствариле добивка од 76 милиони евра. Со тие пари можат да се изградат два современи клинички центра, или да се покријат половина од трошоците потребни за целосно бесплатно здравство.

            comments powered by Disqus

Поврзано